Четвртиот пакет мерки вреден 470 милиони евра, донесен од Владата предводена од СДСМ, е континуитет на досегашните мерки, но содржи и нови мерки кои значат спас на работните места, поддршка на компаниите, особено на најпогодените од кризата, истакна на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Како што посочи, една од низата мерки е и зголемувањето на грејс периодот кај бескаматните кредити од Ковид-1.
Со оваа мерка, преку Развојната банка на постоечките корисници на кредитни линии, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити. Покрај одложувањето на бескаматните кредните, предвидено е и дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината.Во новиот сет мерки преку Европската инвестициона банка, за поддршка на домашните компании, обезбедени се и нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, кои ќе бидат пласирани во јануари 2021 година, со исклучително ниска камата.
Кузеска појасни дека со новиот сет на мерки, продолжува и намалувањето на казнената камата за јавни давачки за половина, односно од од 0,03% на 0,015% и таа ќе важи до крајот на годината.
Продолжува и мерката Одложување на плаќање на аконтација на данокот на добивка. Оваа мерка предвидува одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании кои имаат пад на приходи поголем од 40%.
„Во време на сериозна здравствена и економска криза, државата застанува зад секој граѓанин и зад секој приватен субјект кој е погоден од кризата. Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев и натаму ќе продолжи со потребната поддршка за сите. Заедно ќе ги надминеме негативните последици врз економијата предизвикани од коронакризата“, изјави Кузеска.