Квалитетното образование и обука бара добри финансиски средства и добра опременост на училиштата

од Ивана Рамаданова
259 прегледи

За квалитетно стручно образование и обука потребни се добри финансиски средства и добра опременост на училиштата, но и финансирање од стопанството, затоа што и стопанството има потреба од современи и квалитетно обучени кадри. Ова го истакна заменик-министерот за образование и наука Елизабета Наумовска на вчерашната конференција „Финансирање на пазарно-ориентирано и квалитетно стручно образование и обука во Северна Македонија”.

„Средствата што училиштата ги добиваат од државата преку Министерството за образование и преку локални самоуправи не се доволни, бидејќи за квалитетно стручно образование се потребни добри финансиски средства, добра опременост на училиштата, и додаде дека оваа финансиска експертска група ќе помогне да се пренесат швајцарските искуства и истите да бидат применливи и кај нас“, додаде Наумовска.

Зборувајќи за важноста на моделот и концептот на финансирање на стручното образование и обука во една земја, заменик-шефот на мисијата на амбасадата на Швајцарија Стефан Томаџан нагласи дека ова е храбар чекор и вистински момент кога институциите, социјалните партнери и експертите треба да го оформат новиот модел и концепт на финансирање на стручното образование кој треба да се заснова на поголемо учество на приватниот бизнис сектор.

„Многу важен дел на еден ефикасен систем за стручно образование и обука е неговиот модел на финансирање. Истражувањето спроведено од страна на нашиот проект Образование за вработување покажа дека во Северна Македонија, системот за стручно образование и обука во најголем дел се финансира од буџетски средства, додека во Швајцарија, приватниот сектор е вклучен во сите клучни елементи на системот а со тоа и во самото финансирање. Силно веруваме дека поголемата вклученост на приватниот сектор ќе доведе до многу поефективен систем на стручно образование и обука во Северна Македонија а со тоа и до
многу поконкурентна работна сила и економија“, потенцираше Томаџан.

Со оваа конференција беше одбележан почетокот на работата на финансиската експертска група (ФЕГ) составена од голем број на државни институции, социјални партнери и експерти кои ќе работат на нови модели и концепти на финансирање на стручното образование и обука.

Со финансиската експертска група претседава Министерството за образование и наука додека проектот подржан од швајцарската агенција за развој и соработка – Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@mk) и Европската Фондација за Обука обезбедуваат стручна експертиза и поддршка.

Претставници од релевантни министерства и институции, социјални партнери и експерти учествуваа во воведната работилница на која се дискутираа насоките и следните чекори на оваа финансиска експертска експертска група со цел определување на потребите, институциите и клучните процеси за одржливо финансирање на СОО со поголема вклученост на приватниот сектор.

Слични содржини