Лајчак за апсењето на косовските полицајци: НАТО ќе ги утврди фактите, имаме две спротивни верзии

од Nikola Popovski

НАТО побара од двете страни да презентираат докази за да знаеме што се случило, бидејќи има две спротивни верзии, изјави синоќа Мирослав Лајчак во врска со апсењето на тројцата припадници на косовската полиција од страна на српските власти.

Ова накратко го прокоментира специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина на Преспа Форумот за дијалог што овие два дена се одржува во Струга.

Тој вели дека е во постојан контакт со Приштина и Белград, но и дека ги чека фактите кои НАТО ќе ги утврди и кој ќе излезе со тоа, пренесува КоСсев.

„Чекаме НАТО да ги утврди фактите. НАТО побара од двете страни да презентираат докази, за да знаеме што се случило, бидејќи има две верзии кои се контрадикторни. Треба да знаеме што навистина се случило. НАТО е одговорен, наскоро ќе слушнеме од нив. Имам одредени информации, но сме во контакт со двете страни“, изјави Лајчак, пренесува „Геопост“.

Двете спротивни верзии се всушност контрадикторни податоци за истиот случај, кои доаѓаат од Приштина и Белград.

Додека Белград тврди дека овие тројца косовски полицајци се уапсени на територијата на Србија, Приштина вели дека се работи за „киднапирање“ на територијата на Косово, а како „одмазда“ на Белград за апсењето на М.М. во северниот дел на Митровица претходниот ден.

Слични содржини