Швеѓаните се прилично трпеливи и тивки и никој никому не му се прави паметен туку се трудат да научат што повеќе од ден на ден. Секој е свесен дека сите поминуваат низ истата оваа ситуација и при разговор со друг не се “трујат” со неважни работи туку тајната е да се остане позитивен. Се чувствува страв и паника за коронавирусот, но не е толку изразена како што е на југословенските простори, со овие зборови ни ја опиша моменталната ситуација во Шведска, нашиот истакнат музичар, кларинистот Благој Ламњов кој веќе подолго време живее и твори во оваа земја.
Шведска е мистерија нема карантин, а бројот на заболени опаѓа. Иако нема строги правила, дали има некои мерки кои треба да се почитуваат?
Не гледам телевизија и не читам што луѓето пишуваат на Фејсбук. Но, тоа што гледам е следното: нема карантин, луѓето пешачат, трчаат, возат точаци, спортуваат, знаат што треба да јадат. Тоа што треба секој да го почитува е да не излегува од дома ако е настинат или ако има други симптоми на вирусот. Треба да остане дома и да чека додека не му помине. Никој што има симптоми не оди на доктор за да провери дали е позитивен на вирусот, освен ако не му се влоши ситуацијата. Илјадници луѓе дома го прележаа вирусот. Факултетите се затворени, но основните и средните училишта работат. Концерти и претстави и други културни настани за жал се затворени од средината на март па до крајот на сезоната (јуни). Луѓето држат дистанца за да не се пренесува така лесно.
Велиш стравот може психолошки да влијае, а кај Швеѓаните постои правило кое вели да се спријателиме со него. Објасни ни што точно значи тоа?
За еден поздрав живот пожелно е човек со мир да прифати се што се случува во животот. Да ги отвори рацете широко и така речено да ја прегрне оваа ситуација. Кога психички ќе се спријателиш на некој начин со овој вирус, стравот се намалува. А ,не постои поубав живот од животот без страв. Тоа што се случува е исто за сите. Важно е ние самите што ќе направиме за себе и за тие околу нас да денот ни помине што поубаво без притоа секирајќи се за утре. Како што рекол некој мудрец, ако имаш проблем а немаш решение за проблемот тогаш нема потреба што да се секираш. Живеј во среќа и се ќе си се реши само по себе. Кога е човек смирен и храбар и верува дека може да се справи со секоја болест, тогаш организмот полесно ги победува болестите. Ова не го измислувам јас туку тоа е научно докажано.
Живееш скоро 15 години во Шведска, според тебе како тие реагираат во однос на забрана дали строго се придржуваат или како нација прават отстапки?
Во оваа земја владее доверба. Целиот систем е изграден врз доверба. Така што, овде веруваат на одлуките затоа што веруваат дека тие одлуки се донесени претпазливо и со научни докази. Сепак и овде има луѓе кои сметаат дека не треба да е се така слободно, сметаат дека треба да се воведе полициски час. За мене лично во право се и едните и другите затоа што оваа ситуација е нешто ново за кое немаме искуство и затоа секојдневно се учиме и откриваме нови нешта. Секое ново сознание си носи и соодветна одлука која шведскиот народ ја почитува и се придржува кон таа. Но, сепак има и исклучоци особено со држењето дистанца: некои луѓе се доста опуштени и не држат дистанца од другите околу нив.
Колку се свесни за последиците на пандемијата и дали се чуствува страв и паника?
Луѓето се прилично трпеливи и тивки и никој никому не му се прави паметен туку се труди да научи што повеќе од ден на ден. Секој е свесен дека сите поминуваат низ истата оваа ситуација и при разговор со друг не се “трујат” со неважни работи туку тајната е да се остане позитивен. Но, сепак се чувствува страв и паника но не толку многу како што е на југословенските простори. За жал лидерите на Југословенските држави се покажаа дека се апсолутно неуки во полето на психологијата. Ситуацијата е таква каква што е, народот е уплашен, а “труење” со лоши и патем бескорисни информации нема да му помогне на општеството.
Како Швеѓаните ги примаат вестите за бројот на заболени и смртни случаи?
Ќе кажам за мојот круг на пријатели: не се обседнати со статистиката и бројките, но сепак ги интересира причината на починатите од вирусот. Тоа што до сега го знаеме официјално е дека голема е веројатноста да починатите од вирусот секако би починале во текот на годинава од друго нешто, и да не било од овој вирус.
Кој е твојот совет за борбата против невидливиот противник наречен коронавирус?
Јас за мене ќе кажам па се надевам некому ќе му отвори нов видик и нови размислувања. Пробувам со мир и трпеливост да го прифатам ова што се случува. Ги отворив рацете и го “прегрнав” сето ова затоа што не сакам да живеам во страв. Пазам што јадам. Задолжително 5-6 овошни плодови на ден. Пијам топла вода 2 литра на ден (докажано е научно дека ние луѓето треба да пиеме млака вода). Спортувам надвор. Дома пуштам музика и играм затоа што научно е докажано дека играњето на музика е здраво и психички и физички. Свирам, гледам рекреативни нешта на ТВ. Не читам што луѓето пишуваат на Фејсбук. Не гледам вести и секому му препорачувам да престане да го гледа политичкиот дел од вестите од светот и од дома. Гледам стари цртани филмови и стари детски ТВ серии ! Играм домашни игри (карти и слично).
Б.М