Лазаров пред ЕП: Сакам кога играм во македонскиот дрес, едвај чекам да започне шампионатот

од desk2
94 прегледи

Најдобриот стрелец на Европското првенство пред шест години во Србија, Кирил Лазаров и овој јануари ќе ја предводи Македонија на едно големо натпреварување. На континенталниот собир во Хрватска оваа година, нашата репрезентација ќе игра во групата Ц заедно со Германија, Словенија и Црна Гора.


Нашиот лидер и капитен направи специјално интервју со официјалната страница на ЕП во кое зборуваше за престојниот турнир, амбициите на Македонија и очекувањата од истиот.

Во групата ќе играте против Словенија, Германија и Црна Гора. Какви се шансите за ваш пласман понатаму?

„Се наоѓаме во многу интересна група во која нема ниту еден аутсајдер. Со три балкански репрезентации и актуелниот бранител на трофејот може да очекуваме изненадувања, особено поради поддршката која ќе ја добиеме ние, Словенците и Црногорците“.

Зошто е толку посебно да се игра против бранителот на титулата од претходниот шампионат?

„Бидејќи Германците имаат фантастични играчи кои се дел од најдобрите клубови во Европа. Во Бундеслигата секоја недела има тензични моменти и неизвесност, па германските репрезентативци знаат како е да се игра на важни натпревари. Тие за мене се фаворити во групата, но и за освојување на трофејот“.

Кои се целите на Македонија на ова Европско првенство?

„Моментално имаме одлична комбинација на млади и искусни играчи и како тренер го имаме феноменалниот Раул Гонзалез. Едвај чекам да започне шампионатот, бидејќи чувствувам голема мотивација за докажување и надигрување. Се надевам дека ќе имаме голема поддршка во Загреб“.

Ќе има ли бројка на навивачи како што беше случајот во Србија 2012 година?

„Сите во Македонија зборуваат за ЕП, па се надевам дека стотици или можеби илјадници ќе допатуваат во Загреб. Секако зависи од почетокот на првенството. Ако одиграме добро и се пласираме понатаму, уште повеќе фанови ќе пристигнат во следната фаза“.

Дали Хрватска е добро место за тебе и за Македонија, со оглед на тоа дека стана најдобар стрелец на Светското првенство 2009 година?

„Хрватска е одлично место за нас и се надевам дека и така ќе продолжи да биде. Оваа година имаме далеку поискусна екипа од таа пред девет години“.

Загреб е специјален град за тебе, бидејќи помина неколку години од својата кариера. Дали си во исчекување повторно да настапиш пред тамошната публика?

„Ќе биде одлично. Поминав добри пет години од мојата професионална кариера. Го сакам градот, ја сакам Хрватска и ги сакам луѓето“.