Терминот „лажни вести“ својата популарност ја добива со победата на Доналд Трамп на претседателските избори во 2016 година во САД. Година подоцна значењето, ефектите и начинот за справување со лажните вести се „жешка тема“ на голем број конференции, дебати и расправи.
Додека сите говорници на темата се согласни за опасностите и потребата од справување со „лажните вести“, недостига усогласена дефиниција на поимот и начинот на кој треба властите и медиумите да борат против негативните ефекти.
Но, едно е сигурно, феноменот на лажни вести го наруши еко системот на традиционалните медиуми. По првичниот бран на неприфаќање, дел се прилагодија, а дел преземаа мерки за справување, сепак, се уште се чека на сеопфатна стратегија. Владите и медиумите немаат заеднички одговор што ќе го дефинира пристапот, така што нема да биде само обичен одговор на пропаганда, туку ќе понуди навремени и точни информации што навремено ќе спречат пренесување и ширење на лажните вести.
Пред десетина дена во Скопје се одржа панел дискусија „Медиумите во дигитална ера:справување со лажни вести“, во рамки на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан 2018.
Проблемот не е нов, а технолошкиот напредок го зголемува предизвикот
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, како модератор на панел дискусијата, посочи дека Македонија не е исклучена од феноменот на лажни вести и дека тој проблем не е нов, а технолошкиот напредок го зголемува предизвикот.

– Една од најважните работи што новинарите ја прават е филтрирање на информациите. Имате информација, што се случува и новинар кој е трениран да ги исфилтрира и создаде нешто што е разбирливо за јавноста. Проблемот е што не се бавиме со факти, туку со ставови и мислења. Проблемот е во тоа што луѓето го пишуваат тоа што мислат и читаат тоа што ги потврдува нивните предрасуди и тоа е причина зошто ни требаат граѓаните да станат новинари, треба да ги едуцираме луѓето кои ја немаат способноста да ги анализираат, изјави Рајт.


