Леброн Џејмс: Немам поим кога ќе заврши мојата кариера или со кој тим ќе биде

од Vladimir Zorba

Лидерот на сите времиња во НБА, Леброн Џејмс изјави дека е среќен што е играч на Лос Анџелес Лејкерс и се надева дека ќе ја заврши кариерата во Лејкерс. Изјавата на Џејмс беше прва за медиумите откако претходно овој месец се појавија информации дека Голден Стејт Вориорс се обиделе да го ангажираат.

„Среќен сум и секогаш сум бил среќен што сум во Лејкерс во последните шест години. Се надевам дека ќе продолжи до крајот на мојата кариера. Но, немам идеја кога ќе дојде тој крај или со кој тим ќе биде. Се надевам дека ќе го направам тоа како играч на Лејкерс, бидејќи тоа е одлична организација со толку многу одлични играчи. Но, ништо не се знае“, изјави 39-годишниот кошаркар, кој е во својата 21-ва сезона во лигата.

Тој беше прашан и за моменталната состојба на Лос Анџелес Лејкерс. Лејкерси се само деветти на Западот, но имаат скор 30-26, победувајќи на секој од последните три натпревари и седум од последните десет.

„Нашиот тим е на место каде што оди во вистинската насока, па затоа не сум загрижен за учество во плеј-офот“, додаде поранешниот играч на Кливленд Кавалирс и Мајами Хит.

Тој прокоментира дека засега неговите планови да игра на Олимписките игри во Париз на лето остануваат непроменети.

„Ако игрите започнаа сега, ќе играв. Се додека сум доволно здрав во лето и можам да играм на нивото што го сакам, ќе бидам на Олимпијадата. Откако ќе кажам дека сум подготвен за игра, тоа значи дека сум го посветил телото, срцето и душата во тоа. Подготвен сум да играм за мојата земја со најголема можна почит и желба. Среќен сум што никогаш во моите претходни три настапи на Олимпијадата во 2004, 2008 и 2012 година не се наметнувало да го носам тимот на моите рамења. Сигурен сум дека така ќе биде и сега бидејќи ми дозволува да дадам се од себе во минутите додека сум на паркетот“, објасни Леброн Џејмс.

За време на интервјуто, тој исто така беше запрашан како ќе го објави крајот на својата кариера: како Тим Данкан, кој едноставно рече дека ја напушта кошарката по неговиот последен натпревар во плејофот, или како играчи како Мајкл Џордан и Коби Брајант, кои уживаа во официјално испраќање во сите сали во кои гостуваа.

„Искрено, јас сум 50:50. Од една страна, знам дека ќе биде убаво за моите обожаватели, кои ме поддржуваат повеќе од 20 години. Да им го дадам овој момент на збогување. Тоа изгледа кул. Но, од друга страна, секогаш се чувствувам непријатно кога требаше да добијам награди или честитки. Чувството е чудно. Не знам дали можам да поминам низ него одејќи од град во град“, заклучи Џејмс, кој во следните недели и официјално треба да ја мине границата од 40.000 поени во регуларниот дел од сезоната. Моментално има 39.868 поени.

Слични содржини