Лекарската комора со јавна опомена за директорката заразена од коронавирусот

од Aleksandar Todeski
449 прегледи

Јавна опомена на доктор Нина Цаца Билјановска и барање да се поведе постапка пред Судот на честа при Лекарската комора, кој е единствен независен и надлежен орган на Комората што може да расправа за одговорноста на лекарите за сторена повреда на Кодексот на медицинската деонтологија и да носи одлуки за евентуално привремено или трајно одземање на лиценцата за работа.

Ова е заколучокот од одржаната вонредна седница на Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора на Република Северна Македонија, на која е расправано за етичкиот аспект на однесувањето на доктор Нина Цаца Билјановска, која откако се вратила од Италија, спротивно на препораките, продолжила со извршување на работните задачи и цела недела одела на работа.

„Лекарската комора остро ја осудува постапката и однесувањето на доктор Нина Цаца Билјановска, поради тоа што со непочитување на препораките за домашна самоизолација, кои важат за сите граѓани кои доаѓаат од високо ризични земји за пренесување на коронавирусот, предизвикала морално-етичка и правна одговорност. Етичките принципи на хуманост и почитување на личноста и животот го обврзуваат докторот на медицина со своето однесување да води грижа, а не да им наштетува на своите колеги и пациенти, како и да биде спремен да преземе одговорност за своето постапување, не само спрема пациентите и колегите, туку и спрема заедницата во целина“, се вели во соопштението од Лекарската комора.

Од Лекарската комора уште еднаш апелираат до докторите на медицина и до сите здравствени работници да се однесуваат како што доликува на докторската професија – професионално, одговорно и разумно, како и во целост да ги почитуваат дадените препораки, упатства и насоки од Владата на Република Северна Македонија со цел да се заштити здравјето на граѓаните.

Слични содржини