Левица: ДПМНЕ да го напушти менталитетот на опозиција – сојузот со Заевизмот да го бараат кај себе

од desk2
19 прегледи

Опозициската „Левица“ денеска ѝ порача на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ да „изезе од амнезијата и да признае дека е во коалициска со режимот што вчера го нарекуваа криминален“

„Наместо цела година да се однесуваат како немоќна опозиција, Христијан Мицкоски и ДПМНЕ конечно треба да излезат од амнезијата и да признаат дека нивниот коалициски партнер е истиот режим што вчера го нарекуваа криминален!“, порачува Левица.

Партијата набројува неколку имиња што и по смена на власта, повторно се во власта.

„👉Максим Димитриевски, човекот што крвареше за Заев и агитираше за „Северна“, денес е нивен сојузник. Во оваа „нова, горда, ера“, изгледа крварењето за СДСМ се наградува со владеење од влезна врата;
👉Стојанче Ангелов, кој некогаш врескаше дека „ќе падне крв ако Заев биде апсен“, денес повторно е директор;
👉Зоран Димитровски, кој го опишуваше Мицкоски како лик со став „ни риба ни девојка“, сега е зaменик-министер во владата на Мицкоски;
👉Павле Трајанов, човекот кој седум години дремеше во Заевата власт како нем набљудувач, денес доби специјално измислена скапа функција – наменета за џаболебарење од буџетот.
👉Азир Алиу, поранешен министер во владата на СДСМ, сега е награден со клучниот ресор – здравство;
👉Орхан Муртезани, за кого ДПМНЕ тврдеа дека бил паразит во МЕПСО, денес е нивни министер за европски прашања. Очигледно, паразитите за нив преку ноќ стануваат пеперутки;
👉Изет Меџити, човекот што паразитираше 12 години во владата на СДСМ и ДУИ, и за кого ДПМНЕ тврдеше дека зел 450.000 евра провизија за плоштадот „Скендербег“, денес е прв вицепремиер и министер за животна средина и јавноста со ДПМНЕ на власт гледа многу вакви налудничави примери“, набојува Левица.

Партијата прашува и зошто не е уапсен поранешниот премиер Зоран Заев и зошто поранешниот вицепремиер Артан Груби е уште во бегство.

„Ако не сте заборавиле што е власт – кажете јавно каде е Зоран Заев? Зошто не е уапсен? Дали неговото „одмарање“ во Дубаи е всушност договорена заштита од ваша страна?
До каде е истрагата за Артан Груби кој „мистериозно исчезна“ откако требаше да одговара? Или “бегството” беше по веќе добро познато сценарио?“, се вели во соопштението.

„Пред да се пенавите од паника и да штанцате соопштенија полни со лажни конструкции – погледнете си ја Владата. Тоа сте вие. Со Заев, со ДУИ, со СДС, со Северна.
Во нормална земја, човек кој до вчера глумеше патриот, а денес се прегрнува со речиси сите кои ги нарекуваше „предавници“ – ќе немаше образ да се појави во јавност“, порачува Левица.

Партијата со остра критика зборува за премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „политичка амеба, морален Франкенштајн и најголемиот политички лицемер во поновата историја“.

„Христијан Мицкоски е политичка амеба без став и принципи. А уште повеќе, тој е морален Франкенштајн, составен од остатоците на заевизмот, со склопени парчиња од коруптивната дружина на СДСМ, ДУИ и сите што некогаш ги нарекуваше „непријатели на државата“.
Мицкоски е најголем политички лицемер во поновата историја – идеален пример за тоа како изгледа човек што ќе направи сè, ќе проголта сè и ќе сојузи со било кого, само за да биде на власт. А таквите, во очите на народот, не се ништо повеќе од инструменти на туѓи агенди и функционери без ’рбет, без достоинство, без визија и без почит за сопствениот народ“, порачува Левица, нагласувајќи дека „нема да дозволи оваа алијанса на рецидиви од заевизмот и изветвени десничари да ја замајува јавноста. Со фрлање светки и мантрање „горда Македонија”, гнилото што сами го внесовте во Владата не се поправа“.