Левица: Пендаровски да стави суспензивно вето на Законот за решавање на спорот меѓу Владата и Макпетрол

од Nikola Popovski
283 прегледи

Од партијата Левица соопштија дека нивните пратеници, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денес поднеле барање до претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој има уставно право на суспензивно вето, да не го потпишува Указот за прогласување на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, кој беше донесен на ден 28.12.2020 година.

„Причините поради кои го бараме ова од Вас се следниве:

(1) Законот е спротивен на Амандманот XXV од Уставот на РМ, кој вели дека судската власт ја вршат судовите и дека се забранети вонредни судови – при што, во случајов, парламентот е ставен во позиција на „преки суд“ кој, по брза постапка, решава судски спор кој трае над 15 години – со закон, надвор од своите уставни надлежности, што е без преседан во досегашната државно-правна историна на Македонија, од АСНОМ до денес;

(2) Законот е привилегирачки и е спротивен на чл. 55 од Уставот на РМ, бидејќи воведува партикуларен режим на решавање стопански спорови меѓу една приватна компанија и државата, спротивно на уставно загарантираната „еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот“;

(3) Станува збор за исклучително штетен и сомнителен закон, кој е спротивен на јавниот интерес, бидејќи за стар и амортизиран гасовод, кој има номинална вредност од околу 18 милиони ЕУР, државата ќе треба да исплати скоро 33 милиони ЕУР – и тоа во време на економска и здравствена криза од сериозни размери“, се наведува во Барањето на пратениците, кое го соопштија од партијата.

ОД Левица се надеваат дека претседателот Пендаровски, ќе ги искористи уставните ингеренции и нема да го потпише овој контроверзен Закон, за коj пратениците дебатираа цели 22 часа без прекин, на една од најдолгите маратонски пленарни седници во поновата парламентарна историја на Македонија.

Слични содржини