Либералниот шведски пристап кон болеста доби бројни критики: Над 1000 починати од коронавирусот

од Nikola Popovski
185 прегледи

И покрај загриженоста на лекарите и меѓународните експерти, откако бројката починати во земјата надмина 1.000, Шведска продолжува да применува „нежен пристап“ кон епидемијата на коронавирусот.

За разлика од остатокот на Европа, што ги вклучува и соседите Данска и Норвешка, Шведска досега не воведе карантин и строги рестриктивни мерки, туку само издаде препораки и ги повика граѓаните да се однесуваат одговорно. Единствено беа забранети собири со повеќе од 50 луѓе.

„Некој би помислил дека Шведска има напредна стратегија и дека нашата влада добро се подготвила за епидемијата. Но, пристапот мора да се промени брзо и радикално. Затворете ги училиштата и рестораните како што направи Финска! Убедете го општеството дека секој може да биде заразен“, се вели, меѓу другото, во писмото потпишано од десетици експерти од врвни шведски универзитети, болници и истражувачки центри.

„Никогаш не сум напишал толку многу посмртници, никогаш не сум работел олку многу часови“, вели Иса Јакуб, доктор кој работи во една од најголемите државни болници во Стокхолм.

Тој и неговите колеги не можат да поверуваат колку пациенти со коронавирус пристигнуваат во нивниот објект секојдневно.

Главниот епидемиолог Андерс Тегнел смета дека овој „нежен“ пристап е повеќе одржлив на долг рок.

Д-р Карина Кинг, епидемиолог во Каролина, прашува зошто, ако Шведска веќе одбрала ваква стратегија, не гледа како да го спречи бројот на жртвите, туку тоа го смета за нешто неизбежно?

„Повеќето стратегии се засноваат на културни норми, верба дека Швеѓаните ќе ги почитуваат препораките и ќе им веруваат на властите. Стравот ми е дека со толку непознати факти, секоја стратегија која нема за цел да ја минимизира инфекцијата, е проблематична “, вели Кинг.

Таа вели дека е тешко да се погледне шведската стратегија од научна гледна точка, бидејќи како што тврди, таа не е транспарентно претставена.

„Постојат очигледни примери каде Шведска не успеа да ги следи препораките на СЗО“, тврди Кинг.