Лидерите на ЕУ го осудија апсењето на белорускиот активист Проташевич

од Vladimir Zorba
311 прегледи

Лидерите на ЕУ денес ги осудија постапките на белоруските власти, кои го уапсија опозицискиот активист и новинар Роман Проташевич, патник во авион пренасочен кон Минск, и апелираа да им се овозможи на сите да го продолжат патот на тој лет.

Европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел изјави дека ЕУ „внимателно ги следи“ настаните поврзани со денешниот лет на Рајанер од грчка Атина кон литвански Вилнус, кој, како што рече, „беше принуден да слета во Минск поради наводна закана за безбедноста“.

„Тоа е целосно неприфатливо. Ние ја сметаме белоруската влада одговорна за безбедноста на сите патници во тој авион. Сите патници мора да можат веднаш да го продолжат патувањето“, рече Борел.

Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел исто така ја повикаа Белорусија „да ги пушти сите патници“.

Германија побара „итно објаснување“ од Белорусија за пресретнувањето на авионот во кој се наоѓал Проташевич и за неговото апсење.

„Бараме итно објаснување од владата на Белорусија за пренасочување на летот на Рајанер меѓу членови на Европската унија кон Минск и наводното апсење на новинари“, рече Мигел Бергер, висок функционер на германското Министерство за надворешни работи.

Проташевич е ко-основач на канал во апликацијата Телеграм, што е клучно за размена на информации меѓу противниците на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Белоруските власти, кои минатата година го прогласија каналот за екстремистички поради тоа што го користеле за организирање масовни демонстрации против Лукашенко, соопштија денес дека го уапсиле Проташевич на аеродромот во Минск, откако авионот во кој се наоѓал, бил пренасочен кон тој град поради закана за бомба.

Кабинетот на Лукашенко изјави дека заканата за бомба е примена додека авионот бил над Белорусија.

Слични содржини