Лидерката на АфД: Ако победиме, Германија ќе организира референдум за напуштање на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) ќе се заложи за референдум во стилот на Брегзит за членството во Европската унија, доколку дојде на власт, рече лидерката на партијата Алис Вајдел, поздравувајќи го излегувањето на Обединетото Кралство како сосема правилен потег.

„Тоа е модел за Германија, опцијата да може да се донесе таква суверена одлука“, рече Вајдел во интервју за „Фајненшл тајмс“.

Таа ја води партијата од 2022 година и вели дека владата на АфД ќе се обиде да ја реформира ЕУ и да го отстрани нејзиниот „демократски дефицит“, вклучително и ограничување на овластувањата на Европската комисија, „неизбрана извршна власт“.

„Но, ако реформите не се можни, ако не успееме да го обновиме суверенитетот на земјите-членки на ЕУ, треба да ги оставиме луѓето да одлучуваат, исто како што направи Обединетото Кралство. Би можеле да имаме референдум за ‘Дегзит’ – излегување на Германија од ЕУ“, наведе Вајдел.

Оваа идеја отвора големо табу во Германија, каде мејнстрим партиите се цврсто проевропски настроени. Исто така, германскиот устав поставува строги ограничувања на националните плебисцити, па дури и да се одржат, анкетите покажуваат дека огромното мнозинство Германци би гласале за останување во ЕУ. Сепак, меѓу гласачите на АфД, поддршката за ЕУ ​​е најслаба.

Слични содржини