Лидерот на СДСМ ги негира обвинувањата за удел во градење на 40-катница во Дубаи и потврди дека не го познава Аврамски

Филипче на брифинг со новинарите истакна дека нема станови во Дубаи и потенцира дека се работи за „дефокус на кујните на ВМРО-ДПМНЕ“

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче демантира дека има удел во бизнисот на екс-премиерот Зоран Заев за изградба на 42-катницата во Дубаи, како што обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Филипче на брифинг со новинарите истакна дека нема станови во ОАЕ и потенцира дека се работи за дефокус на кујните на ВМРО-ДПМНЕ.

Рече дека има виза за многу други земји и дека тоа е дел од обидот да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми.

-Голема невистина и дел од обидот за дефокус, процес кој што подолго време трае наназад, кажа лидерот на СДСМ.

За поранешниот соработник на Заев, Томе Аврамски кој во емисија на српските медиуми изјави дека и Заев и Филипче имаат станови во Дубаи, претседателот на СДСМ рече дека „не го знае човекот“.

-Гледав некој рил од некое интервју и тоа се тие обиди за дефокус од кујните на ВМРО-ДПМНЕ. Знам дека кога се притиснати до ѕид и не знаат да одговорат, посегнуваат по вакви приказни, кажа Филипче во одговор на новинарско прашање.

„Зоран Заев, партнерот на Венко Филипче, гради 40-катница во Дубаи“, тврдеше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и член на ЦК на партијата, Валентин Манасиевски и се повикуваше на сведоштво споделено на интернет.

„Томе Аврамски, поранешен соработник и познаник на Зоран Заев, кажува лично сведоштво дека бил во Дубаи и ја посетил зградата која ја гради Зоран Заев. Но, исто така кажува и дека Венко Филипче има стан во Дубаи“, рече Манасиевски кој презентираше видео со сведоштвото и го повтори обвинувањето за златни визи на Емиратите кои според владеачката партија ги имаат Заев и Филипче.

Манасиевски рече и дека затоа го пријавуваат Заев на Антикорупцискиот тим на СДСМ.