Љепаја: Со потпишувањето на воениот договор, „тројката“ од ЗБ сака да испрати политичка порака дека ќе дејствуваат заедно кога се работи за безбедноста

Македонија нема просрпска ориентација туку само калкулира дали е вистинско време за вклучување во новата воена соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово, вели за „Локално“ аналитичарот Љепаја

од Nikola Popovski
664 прегледи

Меморандумот за соработка во областа на одбраната потпишан меѓу Албанија, Косово и Хрватска, српскиот државен врв го протолкува како чекор кој ја поткопува регионалната стабилност и како провокативна иницијатива која ја прекршува резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Неговите потписници тврдат дека документот има за цел да ја зајакне регионалната стабилност и е насочен кон размена на знаење и соработка меѓу воените индустрии. За тоа што ова ќе донесе во пракса, дел од косовската јавност за „Локално“ вели дека со доаѓањето на претседателот Доналд Трамп на чело на САД го доведе во прашање светскиот поредок и рамнотежа. Иако засега само преку реторика, доведено е во прашање продолжувањето на постоењето на НАТО, ЕУ, ОН итн, барем во сегашниот формат, смета косовскиот аналитичар Фадиљ Љепаја.

Како што посочува во прашање се доведени и принципите на меѓународниот поредок, каде што окупацијата, односно заземањето на територија и насилното менување на границите веќе не е табу тема и по автоматизам не е веќе злосторство.

-Во ситуација кога меѓународното право и организациите веќе не се пречка за тоа, овие три земји со потпишувањето на договорот сакаа да се обезбедат и да испратат политичка порака дека ќе дејствуваат заедно во случај на обиди да се доведе во прашање безбедноста на овие земји. Не верувам дека станува збор за просрпска ориентација на македонската држава, туку повеќе за калкулација дали е вистинско време за таков потег, оценува соговорникот запрашан дали зошто Македонија не е вклучена во ваквиот „воен сојуз“ како што го нарекуваат некои.

Љепаја нагласува дека во ситуацијата се работи за дилемата дали треба предвреме да се изјасниме и да коалицираме кога се уште не знаеме во кој правец ќе се одвиваат процесите во нашиот регион.

-Како и да е, судбината на Хрватска, Албанија, Косово и БХ, барем на бошњачкиот и хрватскиот дел е доста тесно поврзана, бидејќи Србија е единствениот локален претендент да ги промени границите и да им се заканува на народите на овие земји, анализира аналитичарот.

Меморандумот во вторникот во Тирана го потпишаа министрите за одбрана на Албанија – Пиро Венгу, Хрватска – Иван Анушиќ и на Косово, Ејуп Македончи.

Венгу рече дека Косово и Албанија имаат што да научат од Хрватска, Македончи порача дека целта на соработката не е да се загрози никого, туку да се испрати порака до сите кои се осмелуваат да ја загрозат стабилноста на Западен Балкан, а Анушиќ кажа дека споменатата соработка пред се ќе биде во разузнавачкиот систем и ќе има за цел развој на одбранбената индустрија. Тој најави и можност Бугарија да се приклучи кон оваа тројка.

„Ја разбравме пораката, многу сме загрижени за тоа што го прават“, беше првата реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вчера меѓу другите на оваа тема разговараше и со генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Како што изјави Вучиќ, тој му посочил на Руте дека таков меморандум го прекршува Субрегионалниот договор за контрола на оружјето од 1996 година.

Српското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе испрати итно барање до министерствата за надворешни работи на Хрватска и Албанија за детално објаснување во врска со потпишувањето на меморандумот, во кое се наведува дека и покрај воената неутралност, Србија е активна во борбата против тероризмот и сите современи безбедносни закани и дека е подготвена да ја разгледа соработката во добра волја со Хрватска и Албанија.

Но, оваа иницијатива, која се спроведува без Србија, но со Приштина, претставува отворена провокација“, оценува српското МНР.

Како одговор на изразената загриженост од Белград, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека меморандумот не е непријателски. „Тоа е меморандум за меѓусебна соработка, во него нема непријателски карактер“, рече Пленковиќ.

Вчера дел од српските медиуми блиски до Вучиќ објавија дека српскиот претседател и унгарскиот премиер Виктор Орбан и веќе влегле во сериозно спроведување на „воен сојуз“ меѓу Унгарија и Србија како своевиден одговор, но без никакви детали на кој начин би се соработувало и дали би се потпишало некаков договор.

Н.П.

Слични содржини