ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ: Партиите полека ги објавуваат имињата, голем интерес за независни кандидатури

од Берта Китинска
164 прегледи

Според податоците на Државната изборна комисија, 32 независни кандидати за градоначалници во повеќе општини и советнички листи собрале потписи, а уште 33 собираат потписи.

На 30 август на полноќ истекува рокот за собирање на потписи на независните кандидати за градоначалници и советнички листи.

Партиите продолжуваат да ги објавуваат имињата на нивните кандидати за градоначалници.

СДСМ досега утврдила кандидати за 51 општина. Последно тие ги објавија имињата на уште 16 кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.

Од партијата ги уверуваат граѓаните дека СДСМ ја има најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина. Тоа е препознаено и од граѓаните, затоа СДСМ води на сите анкети, затоа е убедлив фаворит на локалните избори, велат од партијата.

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев изјави дека неговата партија јасно стои на пораката за заеднички настап и меѓусебна поддршка на овие локални избори.

– Јасно е единството на коалицијата на централно ниво кое се преточува во коалиција на локално ниво која со своите специфики на локалните избори каде се бира личност претставува демократски осврт на оваа владејачка гарнитура. Логично е некаде каде што можеме во првиот круг да се поддржиме, коалициските партнери да се поддржат и се поддржуваме, кажа Заев.

Минатата недела, македонската опозициска ВМРО-ДПМНЕ официјализираше уште 19 кандидатури за градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат на 17-ти октомври. Меѓу нив,  Тони Михајловски за Куманово, Александар Стојкоски за Ѓорче Петров, Дарко Костовски за Бутел, а за општина Охрид кандидат ќе биде актуелниот пратеник Кирил Пецаков.

ВМРО-ДПМНЕ најави соработка на локалните избори со Алијансата за Албанците и Алтернативата. Минатата недела официјализираа 26 други кандидатури, а велат дека ги прават последните процедури за да го изберат вистинскиот кандидат за прв човек на град Скопје.

Рокот за поднесување на листите е 11 септември, а локалните избори ќе се одржат на 17 октомври.

Слични содржини