Уредничката во телевизијата Телма, Снежана Лупевска Созен во интервју по повод 20 години од работењето на МИА изјави дека Агенцијата во последниот период ја оправда довербата кај јавноста и во медиумскиот простор. 
Веќе 20 години МИА е веродостоен и професионален јавен информативен сервис. Дали според Вас МИА ја оправдува довербата кај јавноста и во медиумскиот простор?
Годишнината на МИА покажа едно зрело полнолетство на Агенцијата . Беше неопходно нејзиното основање и низ годините факт е дека во нејзината работа имаше и подеми и падови. Почна ентузијастички со еден одличен тим новинари и уредник. Ја покажа оправданоста од нејзиното основање, ја задоволи потребата на пазарот. Во подоцнежните години имаше и не толку светли моменти, бидејќи државна агенција не значи и во буквална смисла на зборот државата да го „киднапира“ новинарството во агенцијата. Сепак генерално сметам дека ја оправда довербата кај јавноста и медиумскиот простор особено во последно време, враќајќи го вистинското новинартство во своите содржини.
Сметате ли дека рејтингот на МИА се движи во нагорна линија и дали сте задоволни од содржините кои ги нуди?
Да, сметам дека се движи во нагорна линија. Информативните содржини се солидни, навремени. Можеби недостасува подобар развој во иднина, специјализирани теми, истражувања, видео и аудио пакет.
Како ја оценувате досегашната соработка со МИА?
Веќе споменав – со подеми и падови. Имаше секакви моменти, за жал еден период на еднолиниско, неатрактивно новинарство, спор сервис. Сега е подобро.
Со каква порака би и го честитале јубилејот на МИА?
Точна, брза и независна! Тоа и го посакувам на редакцијата. За многу години !
Габриела Точко