Мадуро промовира „чудотворен“ лек против корона, науката не го признава

од Stefanija Kuzmanovska
333 прегледи

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро промовира „чудотворен“ лек за кој тврди дека третира ковид-19 без несакани ефекти, а овие тврдења, сепак, не ги поддржува науката, велат лекарите.

Мадуро го презентираше Карвативир во неделата, орална суспензија за која тврди дека била тестирана на пациенти во болница во Каракас и во спортски центар што се користел како привремена ковид болница, пренесува „Ројтерс“.

„Лекот мина низ девет месеци студии, тестирања, клиничка апликација на многу болни луѓе кои биле на респиратор и успеавме да ги повратиме“, рече претседателот на Венецуела за време на телевизискиот пренос во неделата.

Тој ја опиша течноста како „чудесните капки на Хозе Грегорио Ернандез“, венецуелски лекар кој живеел во 19 век и кој минатата година беше прогласен за благословен од Римокатоличката црква, без да ги наведе нејзините активни состојки.

Министерството за информации не одговорило на барањето за коментар.

Лекарите наведуваат дека Карвативир се заснова на мајчина душица, растение кое се користи во традиционалната медицина со векови, но чие влијание врз коронавирусот не е утврдено.

Венецуелската национална медицинска академија во соопштението објавено вчера рече дека Карвативир „има терапевтски потенцијал против коронавирус“.

Без оглед на тоа, паметно е да почекате повеќе податоци од прегледот за да го сметате за лек против ковид, се наведува во соопштението.

 

Слични содржини