Ивермектин предизвика фама во јавноста. Откако доби зелено светло лекот против ковид 19 пристигна и во нашите аптеки.
Министерот Филипче информираше дека овој лек ќе се издава на розев рецепт, која матичните лекари ќе ја издаваат.Воедно тој апелираше дека пациентите не смеат да го земаат лекот на своја рака.
Од МЗ информираа дека до крајот на неделата Лекарската комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во цела земја за да се дообјаснат пртоколите, а веќе следната недела ЛК ќе организира онлајн дискусија со клиничките доктори за употребата на лекот.
Ивермектинот не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на ФЗО. Согласно Решението на МАЛМЕД истиот лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт.
Министерството за здравство потенцира дека „ивермектинот“ е антипаразитски лек со широк спектар на делување. Неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација.
По објавата на протоколите дел од докторите реагираа дека текстот во кој се напишани инструкциите е плагијат.
Доктор Ненад Лазаров, кој е дел од Асоцијација на специјализанти и млади лекари – АСМЛ, обвинува дека испратеното мислење за употреба на лекот Ивермектин од страна на Лекарската Комора на Македонија е плагија.
-Лекарска Комора на мејл кај лекарите низ Македонија дисперзира текст насловен:”МИСЛЕЊЕ ЗА УПОТРЕБА НА ИВЕРМЕКТИН КАЈ ПАЦИЕНТИ СО COVID-19.Од стручниот колегиум за ЈЗУ Униоверзитетска клиника за пулмологија и алергологија и COVID-19 центрите при интернистичкиот блок “.Текстот е плагијат, автор на оригиналниот текст е Марјан Божиновски (кој нема никаква врска со наведениот колегиум) и истиот е објавен во списанието Емитер во Август годинава, пишува др. Лазаров на својот Фејсбук.
Воедно и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари упати жестоки критики по фамата која настана во јавноста за употребата на лекот Ивермектин, кој прво беше промовиран од министерот за здравство Венко Филипче, пa пуштен во продажба во одредени аптеки, а дури потоа матичните доктори добија мислење за употреба, но не и протокол.
Од Асоцијацијата сметаат дека приказната за лекот е смислена само за јавноста да има што да се занимава, а единственото решение за коронавирусот е само вакцинацијата.
-АСМЛ ќе го потенцира вистинското решение за оваа пандемија – вакцинацијата, се друго е само заведување и замена на тези.Во состојба кога Србија до јуни ќе заврши со комплетна вакцинација, кога Албанија започна веќе, приказната со Ивермектинот е само смислена приказна за да се занимава јавноста и лекарите.План за вакцинација веднаш, со рокови и гаранции!!, велат од АСМЛ.