МакеДокс: Кон филмот „Кога земјата се чини лесна“

од Vladimir Zorba
91 прегледи

 

Грузискиот филм „Кога земјата се чини  лесна“ е документаристички колаж, потпишан од тројцата автори Tamuna Karumidze, Salome Machaidze и David Meskhi.

Филмот е поетичен исказ што интегрира влијанија на црквата и државата во релација со правата и слободите на луѓето, а преку алтернативна група на млади скејтери го пренесува бунтовничкиот дух на новата генерација која целосно го отфрла општествениот систем како крајно поробувачки и неподобен за внатрешно интегрирање. Парадоксот се создава во илузијата за бидувањето во територијалните граници на една држава и индивидуата како целосно присутна, но истовремено исклучена во таа целина.

Преку интервјуа, архивски телевизиски материјали, режисерската уметничка интервенција гради современ наратив во документаристиката . Филмот „Кога земјата се чини лесна“ интегрира визуелизиран и оф звук синхронизиран со амбиентот.  Синематскиот просторот е естетска контемплација во сооднос со протагонистите, ако се земе во предвид  дека се остсликува целосно субјективен простор на движечките карактери, каде режисерот нема потреба од сценографска интервенција, но таа ја гради надворешно, преку монтажа и избор на кадри.

Филмската нарација се одвива во спој и истовремена колизија низ отсликување на архивски материјали од Протестите против Меѓународниот ден против хомофобијата во Тбилиси од 2013-та и погледот на младите скејтери кон општеството. Овој историски настан беше директен судар меѓу црквата и активистите, откако грузискиот патријарх на православната црква Илија Втори ги повика властите да го забранат собирот за правата на геј заедницата во Тбилиси. Патријархот Илија Втори ја нарече хомосексуалноста аномалија и болест, а парадата на гордоста навреда за грузиската традиција. На улиците на Тбилиси беа излезени свештеници со подржувачи на црквата кои ги нападнаа активитите, од кои 20-мина беа повредени.

Во обидот да се демократизира Грузија, се гледа репресијата на колективитетот врз индивидуалците кои не можат да го најдат своето место меѓу секојдневата архитектура, туку се остваруваат во хетеротопијата и заборавените руинирани објекти.

Од гледачки апсект, документирањето на сликите е филмски есеј кој во себе вклучил фуснота од идеите на францускиот философ и историчар Мишел Фуко во неговото ремек дело „Надзор и Казна“.  Фуко овде ја генерира идејата за контрола од општествата и стравот во својот систем да го прифати другиот како засебен концепт, а на овој начин постојано создава исклучување во немоќноста да се управува со системот. Документарниот филм „Кога земјата се чини лесна“ е награден на филмски фестивали во Амстардам, Грузија, Мексико и Белорусија.// Вероника Камчевска.