Се раѓаат сè помалку деца, младите бараат подобар живот надвор, населението старее. Наталитетот се намалува, морталитетот расте. Лани се родиле околу 16 илјади новороденчиња, а починале повеќе од 20 илјади луѓе. Власта најави мерки за справување со демографската катастрофа. „Иселувањето е тренд во некои земји, но кај нас аларм“, рече премиерот Мицкоски кој откри и дека се размислува за воведување данок за немажени и неженети граѓани и за поттикнување на наталитетот. Сепак, по два дена, премиерот се премисли и порача дека ништо од ваквиот предлог, при што им се извини на граѓаните.
Што по „пробниот балон“? Со стратегија, а не со даноци да се решава катастрофалната повеќедецениска демографска криза во Македонија, сугерира експертската јавност. Според докторот на науки во областа на демографијата од универзитетот Оксфорд, Кристијан Фидановски, во пет години истражување пронаталитетски политики во Европа, не наишол на даноци за невенчани. Како што вели, за такви политики треба да се копа подлабоко, во некои неубави времиња и уште понеубави режими.
-Имањето потомство носи позитивни екстерналии за економијата и општеството и затоа треба да биде олеснето од државата, а идеално и стимулирано. Но, сите современи демографски политики (дури и најдесничарските) се стремат кон поддржување на родителството, а не кон казнување на немањето деца. Секој даночен обврзник (родител или не) на среден до долг рок има ќар ако наталитетот се зголеми, или ако неговото намалување барем се забави. Оттука, сите треба – во разумна мера – да придонесуваме финансиски кон таа цел, а не да го фрламе товарот на грбот на една општествена група, констатира Фидановски.

Кристијан Фидановски
Патем, додава тој, иако бракот е институцијата која резултира со најмногу деца, но и (генерално) со најдобри животни исходи за нив, врската меѓу неа и наталитетот е малку посложена.
-Класичниот исклучок е источна Германија, која пред падот на Берлинскиот ѕид, има помалку бракови, повеќе абортуси и *повисок наталитет* од западна Германија. По реобединувањето, бројот на браковите кај „источњаците“ се зголемува, но наталитетот им паѓа не само под оној на „западњаците“, туку и под едно дете по глава на жител (понизок од денес).
Не е сосема аналогно, секако, но поентата е дека општествените трендови, вклучително и одложувањето или избегнувањето брак, се тие што се. Наталитетот е малку поинтересен, бидејќи луѓето во Европа сакаат повеќе деца отколку што имаат – секој втор човек вели дека, во идеални услови, би имал едно дете повеќе. Задачата на политичарите е тоа да им го овозможат *во рамките на постоечките општествени трендови*, а не да се обидуваат – бадијала – да го враќаат времето наназад, или во ним подобна идеолошка насока.., истакнува Фидановски.
Експертот го анализира и примерот што премиерот ја посочи Јужна Кореја како наводен доказ дека пронаталитетските политики не функционираат. Вели дека е точно дека Корејците имаат една од најниските стапки на наталитет во светот и дека средствата кои со години ги вложуваат не даваат резултати. Но, според Фидановски, истражувањата покажуваат дека повеќето Корејци би сакале да имаат барем едно дете плус.
-Јазот е најголем помеѓу 0 и 1 дете, бидејќи во Кореја владее „пандемија на самци“: речиси секој трет човек на возраст меѓу 30 и 40 години нема партнер/ка (бројот на невенчани, кој патем не е многу релевантен, е уште повисок).
Водечкото објаснување во литературата е дека оваа состојба е токму поради национал-конзервативниот наратив околу демографските прашања, но и во поширокото општество. Со други зборови, немаат деца баш бидејќи државата во читанки, но и сите баби, дедовци и стрини на семејни прослави, замараат со притискање за „мама, тато, бато и дада“, а не бидејќи не го прават тоа доволно. Младите жени ги прифаќаат современите општествени норми, додека младите мажи остануваат традиционални (некои дури одат и наназад), што доведува до – барем засега – непремостливи бариери при градењето врски и планирањето семејство.
Истовремено, иако последниве години ги подобрува своите семејни политики, Кореја има исклучително неолиберален економски модел со долги работни часови и минимална заштита за работниците и социјално загрозените категории.
И конечно, Кореја има понизок наталитет од нашиот, но е и светски лидер во автоматизацијата на сите сфери на економијата и општеството. Уште поважно, Кореја успеала да стане богата држава пред да остари. Оттука, Кореја може да си дозволи неповолни демографски трендови, а не ѝ e проблем ни да си остане „затуцана“ (иако тоа секако си носи други маки). Ние го немаме тој луксуз, објаснува докторот на науки во областа на демографијата.
За политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, формирањето семејство и големината на истото е прашање на личен избор. Смета дека неприфатливо е тие кои го немаат се казнети, туку обратно, оние кои ги имаат и се по многудетни, да бидат некако стимулирани и поттикнати. Но, тоа не смее да биде основниот мотив.
-Глупо е да направите уште едно дете ради пари или бенефиции. Децата треба да се плод на љубов. Не крајот на краиштата, прашањето е која е целта, да има повеќе дека или луѓе во брак? Многумина имаат и вонбрачни деца, а некои ќе се во брак немаат потомство. Факт е дека сме во криза како нација. Чим тоа ќе ни стане јасно, имаме старт некаков, вели Ристевски за „Локално“.

Александар Ристевски
Соговорникот потенцира дека ако видите статистики и бројки ќе сфатите дека Македонецот се размножува, но сега во странство. Порачува дека веќе не е ко порано мажот да оди на печалба, а фамилијата тука, туку колективно сите се селат.
-Прашање е на квалитет на живот, ред, поредок, услови. Тоа државата треба да го смени и подобри. За почеток негативниот тренд треба да запре, а следно да се овозможат услови за раст, посочува аналитичарот и советува дека Владата треба да ја направи земјата убаво место за живеење.
-Да се справи со криминал и непотизам, да ги исече клановите и злосторничките здружувања, да има ред и поредок, брза комуникација меѓу градовите, да овозможи нови урбанизирани населби со плацеви за куќи, и големи школи во околината, здравствени услуги во секој град, бенефиции за во градинка, школување, опрема за деца, но и бенефиции, награди и привилегии на работа. Се друго останува на народот. Треба да се сакаат и да решат да имаат потомство, предлага Ристевски.
Став побаравме и од дел од невладините организации во земјата. Според здружението „Станица Пет“, демографијата не се регулира преку казни туку со поддршка.
-Како здружение што секојдневно работи со жени, деца и маргинализирани заедници — особено со Ромки, жени од рурални средини, жртви на семејно и родово насилство и лица во социјален ризик, со загриженост ја следиме ваквата најава, која освен што е дискриминаторска и ретроградна, директно би ги погодила нашите целни групи.
Праксата покажува дека токму овие жени и млади најчесто немаат избор кога станува збор за брак, раѓање или останување во земјата. Повеќе од половина од жените со кои работиме се во тешка социјална положба, без формално образование, без здравствено и социјално осигурување, без пристап до услуги за репродуктивно здравје и со висок ризик од сиромаштија и семејно насилство. Замислете дополнителен финансиски товар врз самохрани жени, жени кои избегале од насилни бракови, девојки кои поради сиромаштија не можат да формираат семејство или лица кои се бореле за основно егзистенцијално преживување. Наместо поддршка и можности, давачка за нивниот брачен статус, посочуваа од невладината во соопштение за „Локално“.
Во нивната работа, велат дека се сведоци дека причините за ниската наталитетска стапка и иселувањето лежат во недостапното здравство, невработеноста, ниските плати, недоволно достапни детски градинки и социјални сервиси, како и системското игнорирање на потребите на младите и жените.
-Во рамки на нашите програми за: социо-економско јакнење на жените (обуки, стручни квалификации, поддршка за мали бизниси), психо-социјална поддршка за жртви на родово базирано и семејно насилство, правна помош за маргинализирани заедници и поддршка за образовно доедукација на Ромки и жени од рурални средини.
Континуирано укажуваме дека младите и жените остануваат и формираат семејства само ако имаат сигурна и поддржувачка средина, пристап до услуги и перспектива за своите деца. Наместо со казнени мерки, државата треба да инвестира во достапни и квалитетни социјални услуги, репродуктивно здравје, поддршка за самохрани родители, пристап до детски градинки, обуки и вработување за жени и млади. Здружение СТАНИЦА ПЕТ остро се спротивставува на секоја мерка што ја продлабочува дискриминацијата и ја засилува социјалната исклученост на ранливите категории, меѓу кои се и нашите целни групи, потенцираат од невладината организација.
Најчесто, иселувањето не е од економски причини, туку поради трулоста на системот и нефункционирањето на институциите. Владата најави поголема ажурност преку дигитално вмрежување. Со оваа услуга администрацијата ќе ги бара граѓаните, а не спротивни, ќе имаат рок за завршување на услугите во спротивно ќе се санкционира.
Околу 2.500 млади високообразовани луѓе годишно ја напуштаат земјава според ревизорскиот извештај. Човечкиот капитал е клучен за развојот на економијата, но земјава е во демографска рецесија.
Последниот попис покажа дека во земјата 207 населени места се празни, без ниту еден останат жител. Изгубено е население колку две или три поголеми општини во земјата. Бројот на жители од претпоследниот до последниот попис е намален за 9,2 проценти.
Н.П.
Фото: Локално