Македонија потенцијален домаќин на Саемот за храна организиран од „Отворен Балкан“

од Stefanija Kuzmanovska
200 прегледи

Северна Македонија се очекува да биде домаќин на Саемот за храна што ќе го организира Иницијативата „Отворен Балкан“. За терминот на саемот кој би требало да се одржи годинава, допрва ќе се одлучува, а разговорите се во тек.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, се работи за манифестација како што беше ланскиот Саем за вино во Белград, а целта е настанот да стане традиција.

-Се работи за манифестација која би била воспоставена под капата на „Отворен Балкан“. Ќе иницираме состанок на премиерите за да се договори терминот, разговарано е тоа да биде кај нас и да прерасне во традиција. Планот е Саемот да се организира во соработка со нашите економски и други партнери. Сакаме да го искористиме посторот на хотелот „Александар палас“ за конференции, паркингот и објектот на спортскиот центар „Борис Трајковски“, целиот тој комплекс, рече Николовски на брифинг со новинарите.

Тој информира дека интензивно се работи со Црна Гора за евентуално проширување на „Отворен Балкан“ и со оваа земја.

-Во недела патувам за Црна Гора каде ќе се сретнам со премиерот Абазовиќ и со вицепремиерот одговорен и за земјоделство. Ќе имаме низа активности поврзани само со „Отворен Балкан“. Таму се чувствува огромна желба да ги презентираме нашите податоци за тоа колку е намалено чекањето на граница, колку е зголемен транспортот, колку е зголемена вредноста на соработката,… Сите тие информации ќе ги презентираме. Со Црна Гора работиме во таа насока, најдиректно и најотворено разговараме, истакна Николовски.

И нашите поголеми компании, дополни, ја бараат Црна Гора како партнер.

-Тие постојано нотираат дека 26 типа документи веќе не им се бараат, процесот е значително забрзан, постојано укажуваат на придобивките од „Отворен Балкан“. Особено ја барат Црна Гора, ја бараат и БиХ, но Црна Гора највеќе, потенцира министерот.

Како што напомена Николовски, политичките покани за проширување на „Отворен балкан“ и натаму важат за остантите земји од регионот.

Слични содржини