Владата планира сезонски ангажман на 400 пожарникари со плата до 24.000 денари за да помогнат во справувањето со шумските пожари во текот на летото. Дополнително, 600 работници ќе бидат вклучени во јавни работи, со дневница од 800 денари, ангажирани најмногу 30 дена годишно по четири часа дневно. Ова се дел од мерките во новиот Оперативен план за вработување, чија цел е да ги задржи младите лица во земјата.
Сепак, експертите алармираат дека Македонија се соочува со голем проблем – нема доволно работници на пазарот. Младите не се заинтересирани за ниски плати и сакаат побрзо да заработат пари, а не да останат во постојана потрага по сигурна работа со ниска заработувачка.
„Младите денес гледаат како што побрзо да дојдат до пари. Некогаш, кога јас бев млад, сонував да бидам банкар и да работам за 10.000 денари, чекајќи унапредување со години. Денес младите постојано го менуваат работното место и бараат подобри услови“, вели експертот Наумоски.
Бизнис секторот одамна предупредува на недостигот од квалификувана работна сила, а обидите да се ангажираат работници од странство не даваат значителни резултати. Владата се обидува да ги вклучи во пазарот на труд и пензионерите, студентите, социјалците и младите над 15 години, без да ги загрози нивните права на пензија и социјална помош.
„Проблемот со недостаток на работна сила е сериозен и ќе се влошува. Македонија мора сериозно да го адресира овој предизвик, бидејќи иднината на економијата зависи од продуктивни работници“, додава Наумоски.
Тој истакнува дека продуктивноста на работниците не може да ја надомести ниту најискусната пензионерска работна сила, која веќе не е во состојба да работи со истиот елан како порано. Ова се само дел од предизвиците со кои Македонија се соочува во обидот да го зголеми бројот на активни работници и да ја подобри економската состојба на земјата.