Македонската репрезентација синоќа ја совлада селекцијата на Естонија со 37:33 (20:20) на стартот од квалификациите за ЕУРО 2026 година.
Пред домашните навивачи во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, избраниците на Кирил Лазаров не блескаа, но играа во брзо темпо во мечот кој може да се нарече „run and gun“ поради динамиката на двата состави. Естонците имаа +2 во 39. минута (24:26), но конечниот резултат целосно им припадна на Кузмановски и другарите. Со серија од 8:2 до 48. минута, Македонците успеаја да ја вратат предноста (32:28) и до крајот да го контролираат резултатот.
Во победничкиот тим блескаше напаѓачкото трио Серафимов (10), Марко Митев (7) и Кузмановски (7).
Следен противник на нашите ракометари е репрезентацијата на Литванија во Вилнус, а натпреварот е предвиден да се оддигра на 10.11 во 17:00 часот.