Македонија и „новото нормално“: ЕУ ќе има „поостар“ став и ќе негодува на нашите нови позиции

Македонија го запоседна теренот меѓу првите, но колку е важна во „новото нормално“ во споредба со Бугарија?

од Nikola Popovski
239 прегледи

Доста од двојни стандарди и треба да одите напред – вакви биле дел од пораките со конкретна поддршка за евроинтегративниот пат на Македонија кои премиерот Христијан Мицкоски ги добил на средбите со високите претставници во Вашингтон. Шефот на Владата рече дека каде и да оди негова мисија е низ светот да ја раскаже вистинската вистина за Македонија и за се што се случувало и што го фрустрира македонскиот народ. Но камен на сопнување останува една земја членка, која, како што вели Мицкоски, не враќа векови наназад.

Мицкоски неодамна го поддржa говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција каде отворено ја критикуваше Европа за двојните стандарди. Рече тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и што ќе го преплави светот. Исто така кажа дека први го запоседнавме теренот, но и дека сите политичари ќе се упатат кон Вашингтон. „Таа е линијата, тоа е новото нормално кое што доаѓа во Вашингтон и кое што ќе го преплави светот да знаеме, тука нема играње. Сега, ние сме први кои што го запоседнуваат теренот, тоа мојот начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па после кој и да дојде, втор, трет, се реди позади тебе. Ние мораме да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во тоа некое ново нормално“, се зборовите на премиерот.

Дали „новото нормално“ е контра ЕУ?

Новите ветришта што дуваат во Македонија се оправдани со оглед дека и САД се клучен стратешки партнер. Сепак, ваквиот наратив нема да остане без соодветна реакција од европското семејство. Според политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, традиционалните сојузници се заеднички сојузници и во НАТО. Во разговор за „Локално“, истакнува дека таквата исклучива поделба не ја отсликува реалноста на терен, но, е сигурен дека Владата по оние прашања во кои САД се разликуваат по ставот од ЕУ, ќе го заземе ставот на Америка.

Според него, сигурно ЕУ ќе има поостар став и ќе негодува на таквиот наш пристап.

Петар Арсовски

-Тоа го видовме и на состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Собранието каде јавно кажаа декa не е во согласност сo надворешната политика на ЕУ, по гласањето на резолуцијата во ОН. Владата се уште тврди дека ќе го задржи курсот на 100-процентнa усогласеност со надворешната политика на ЕУ. Ќе видиме дали тоа ќе остане така и во наредниот период. Секако, ќе се појави поостар тон од ЕУ во нивниот однос на надворешната политика, оценува соговорникот.

За агресивниот пристап на американскиот претседател, Доналд Трамп, Арсовски вели дека ќе натера многу светски лидери со него да посегнат кон друга тактика, а тоа е тактика на компромис.

-Тоа е точно, но, во таа тактика, Македонија ќе остане мала држава, без оглед на тоа колку ние сме биле први и сме емотивно важни…Стратешки, има земји кои се поважни за САД од Македонија. На пример, Бугарија е поважна држава за Америка од Македонија, смета аналитичарот.

На прашањето дали политиката на нашата Влада е поради патриотски причини и зачувување на Македонија или за инат поради досегашниот однос на ЕУ кон земјава, Арсовски посочува дека е комбинација од двете.

-Постои разочараност од импотентноста на ЕУ досега и нашата Влада смета дека Трамп ќе излезе како победник од целата комбинација. Сметаат дека застанувањето на таа страна ги става на страната на победникот, анализира аналитичарот.

За бавниот пат на Македонија во Европската унија е одговорна ЕУ, смета унгарскиот премиер Виктор Орбан. Македонскиот премиер се надева дека евроинтеграцијата ќе биде откочена со голема поддршка од Унгарија. Орбан најави и заедничка економска зона – Македонија, Унгарија и Србија со огромен економски потенцијал. Порача дека Унгарија ќе ја зајакне соработката со земјава, што не е замена за главната цел – членството на Македонија во Европската унија туку утешна награда за интеграција преку овој начин да обезбедиме изградба на заеднички регион, во кој ќе биде вклучена и Србија. За Арсовски, Орбан не треба да ни биде „патрон“, но дека тоа зависи каков однос ќе имаме кон ЕУ. Според него, европското семејство се соочува со поголеми предизвици и веќе нема време за многу комромиси и ценкање со Унгарија.

-Може да се случи целосно да им ги укинат правата на гласање. Може да се случи ако сакате да останете блиски со ЕУ, да не можете да останете блиски со Унгарија. Сепак, Владата може да одлучи да не остане блиска со ЕУ и во тој случај ќе го фати овој правец што го започна, заклучува политичкиот аналитичар.

Надворешната политика на Македонија се води врз основа на стратешкото партнерство со САД и евроинтеграцијата. Затоа, правилна беше одлуката за поддршка на американската резолуција за Украина во Обединетите нации, чиј коспонзор беше Македонија, сметаат шефот на дипломатијата и премиерот.

Поддршката на американската резолуција не се коси со усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, оти санкциите кон Русија остануваат. Македонија не е подготвена да праќа војници во Украина.

Уставните промени ќе се случат кога ќе имаме гаранции од Бугарија дека нема да има нови блокади за билатерални прашања. Нема да повториме грешка да прифатиме решение без гаранции и на тоа работиме и со други земји-членки на ЕУ, изјави шефот на дипломатијата Муцунски.

Н.П.

Слични содржини