Државата се наоѓа на средина од 85-часовниот карантин и додека властите ефектите од ваквите рестриктивни мерки против ширењето на корона вирусот ги очекуваат на почетокот на мај, бројот на заразени во државата во изминатите 24 часа се зголеми за 53, достигнувајќи 1.170 заболени.
Забраната и посебниот режим на движење на територијата на државата ќе трае до 21 април 2020 година (вторник) до 05:00 часот, а Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на Велигденските празници.
Сите превентивни мерки кои досега се преземени, според министерот за здравство Венко Филипче, сега ги даваат резултатите и затоа имаме линеарен пораст на пацинети, што може да бидат примени во болниците и соодветно да се третираат.
– Сметам дека и во периодот што следи ќе дадат дополнителни резултати во смисла на тоа трансмисијата на болеста значително да се намали и некаде на почетокот на мај ние да имаме период во кој бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува и ќе бидеме во ситуација да ги попуштаме рестриктивните мерки, изјави Филипче.
Во изминатите 24 часа излекувани се 25 пациенти со што досега вкупно се излечени 164 лица.
Според податоците од Институтот за јавно здравје од пријавените случаи за кои се добиени податоци, 20,7 проценти се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле или се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Најчести симптоми кај заболените се: температура (64,3%), кашлица (54,1%), малаксаност (32,3%), треска (18,5%), главоболка (17,5%), болка во грло (15,7%) и отежнато дишење (14,1%). Кај 33,8 проценти од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Болничките капацитети, како што информираше министерот Филипле, не се преполнети, и искористени се половина од иницијалниот капацитет на Инфективната клиника, околу 20 проценти од болницата 8-ми Септември и сосема мал процент на исполнетост на инфективните одделенија на другите болници.
На Инфективната клиника во Скопје, вкупно се хоспитализирани 52 лица, од кои 16 се на кислородна поддршка, а пет се на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември” се лекуваат 41 пациент. На респираторна машина се приклучени осум пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 12 пациенти потврдени и суспектни на вирусот, од нив три се на кислородна поддршка. Во штипската болница хоспитализирани се вкупно девет лица, сите во стабилна состојба.
Сите држави, како што објасни Филипче, се соочуваме со нешто непознато досега и сите мерки, препораки и насоки ги црпиме од знаењето и стручноста на епидемиолозите и членовите на Комисијата за заразни болести.
Тој, изрази очекување дека на крајот на мај ќе ги видиме ефектите од сите овие страшни и рестриктивни мерки досега.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, информира дека се прави сериозен план за тоа како и на кој начин после 1 Мај да се почне со олеснување на некои од мерките, а кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала.
– Ни беше битно да создадеме услови за работење на здравствените работници. Сметавме дека мерките за физичко дистанцирање даваат резултати, затоа и имаше одлуки за неработење на училиштата, градинките, многу компании не работеа, вклучително и оние во угостителството, туризмот. Тоа беше неопходно. Сите ќе поднесеме дел од товарот од оваа криза. Ова не е време за каков било профит, сите треба да бидеме насочени кон успешно справување со оваа состојба, порача премиерот Спасовски.