Денескa Македонија одбележува пет години од членството во најголемиот воено-политички сојуз на светот, Северноатлантската Алијанса. Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со ковид-пандемијата, в.д. амбасадорот на земјава во САД, Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратифакиција од Преспанскиот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер. Пет години од пристапувањето ги дочекуваме во услови на воена агресија на европското тло – руската инвазија врз Украина, но и очигледното „менување на плочата“ на САД околу форматот и функционирање на НАТО. Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република С. Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
Колку е значаен датумот 27-ми март и какви придобивки доби земјава во изминатите пет години, поразговаравме со дел од експертите и поранешни министри кои на некој начин биле вклучени во нашето вклучување во Воената алијанса. Според поранешниот министер за надворешни работи и екс-претседател на Генералното собрание на ОН, Срѓан Керим од гледна точка на националната безбедност на Македонија, членството во НАТО е една од клучните и најважна одлука во нејзиното осамостојување. Евидентно е дека гледаме дека севкупната безбедносна ситуација во светот и Европа по руската агресија, станува се посложена и потешка, нагласува соговорникот.
-Од таа гледна точка, влегувањето во НАТО е исклучително важен чекор за една стабилна состојба во однос на самата национална безбедност. Треба да се потсетиме дека историјата на Македонија со НАТО не започнува само со членството – ние и претходно соработувавме тесно и имавме наши војници вклучените во мисиите во Ирак и Авганистан.

Срѓан Керим
-Јас како човек кој е долго активен во дипломатијата и кој се движи во високите дипломатски кругови во светот, имам лично слушнато многу високи американски претставници кои се и во Советот на безбедност на САД и биле амбасадори во Ирак и Авганистан дека имаат многу високи оценки и пофалби за нашите припадници на АРМ кои учествувале во тие мисии. Македонија може за себе да каже дека навистина е една членка на НАТО која не само зема туку и дава придонес во НАТО, во рамки на своите скромни можности, посочува Керим во разговор за „Локално“
Со оглед на „буре барут“ регионот и опасноста од конфликт по украинското сценарио, екс-шефот на македонската дипломатија е сигурен дека членството во НАТО е голема заштита во тој поглед и се разбира сето тоа важи се додека НАТО е конституиран и функционира како што беше досега.
-Доколку дојде до некакви промени, не би шпекулирал,но сигурно дека ќе треба и Македонија да презеде одредени мерки за да си обезбеди дополнителни механизми за заштита на националната безбедност. Од историска гледна точка, околу Македонија и во Македонија се воделе повеќе војни во минатото и поради тоа е важно да бидеме во еден воен и политички сојуз кој гарантира безбедност. Доколку некој би се обидел да ја загрози националната безбедност на земјава, во таков еден конфликт би биле инволвирани најмалку пет балкански земји и тоа би била сериозна дестабилизација на регионот, но и воена опасност. Од геополитичка гледна точка, Македонија е многу важен фактор за мир и безбедност на Балканот, истакнува Керим.
Американскиот претседател Доналд Трамп почна да разгледува промени во форматот на учеството на САД во НАТО веднаш по преземањето на функцијата. Шефот на Белата куќа разговарал со своите советници за можноста да се „даде приоритет на оние членки на алијансата“ чии трошоци за одбрана го исполнуваат таргетот. Меѓу оние што досега не успеале да ги зголемат трошоците до потребното ниво се Хрватска, Португалија, Италија, Канада, Белгија, Словенија, Луксембург и Шпанија. На прашањето дали членството во НАТО би било „неатрактивно“ и одржливо по ваквите најави на САД, поранешниот министер смета дека прашањето на придонесот на земјите-членки кон самата организација не е само прашање на процент и одвојување од БДП туку и е многу пошироко и посложено.
-НАТО е сојуз на САД, Канада и делот на Европа кој е демократски и припаѓа на еден политички сојуз каде се делат истите вредности – човекови права, демократијата, слободата на поединеците, правната држава, пазарната економија…НАТО не е само воен сојуз туку и политички. Барањето на Трамп за сите земји-членки да го зголемат своето учество и придонес е легитимно затоа што навистина постои потреба сите членки на НАТО да го подигнат степенот на организација. Видовме дека Европа не е така безбедна како што мислевме по Втората светска војна. Примери беа распаѓањето на Југославија и конфликтот во Украина. Македонија и Црна Гора не можат да се мерат со Шведска и Норвешка како земји-членки на НАТО, а да не зборуваме за Франција, Велика Британија, Германија, Канада…Постои асиметричност околу индивидуалната моќ на земјите и тоа треба да се земе во предвид. Не може да се очекува од земјите од типот на Макеоднија, Црна Гора, Албанија да придонесуваат како најсилните членки, особено не како оние кои располагаат со нуклеарно оружје. Верувам дека Македонија ќе биде меѓу оние земји членки кои во рамки на своите можности тоа и ќе го стори, иако веќе вложува 2 проценти. Се надевам истовремено дека разликите кои се јавуваат меѓу САД и ЕУ во однос на некои сериозни безбедносни прашања, нема да влијаат врз безбедноста и функционирањето на НАТО затоа што тоа би имало последици и по нашата национална безбедност, оценува Керим.
Едно е сигурно дека по пет години членство во НАТО, Македонија е безбедна земја во рамки на своите граници. Според, Исмет Рамадани, поранешен пратеник и екс-владин советник за евроатлантски интеграции, нема што да мисли дека ќе се доведува во прашање интегритетот и суверенитетот на држава што е важна компонента во сегментот на одбраната.

Исмет Рамадани
-Нашата земја во било која ситуација, ако дојде до најлошо, да бидеш дел од една Алијанса која ги обезбедува и брани вредностите на демократијата и демократскиот систем, тогаш мислам дека многу значи како земја-членка. Тоа е придобивката во однос на Алијансата и позицијата на нашата држава. Нашето членство не заштитува и ќе не штити од било каков конфликт во регионот. Затоа што не верувам и многу сум убеден дека една земја од регионот да ја нападне Македонија како членка на НАТО затоа што автоматски се активира Членот 5 од Повелбата. Нема таква земја во регионот, без разлика дали имаат амбиции и дали се агресивни, која ќе се осмели на таква авантура, нагласува Рамадани во разговор за „Локално“.
Оценува дека Трамп и во 2016 година беше во право кога во Брисел дојде со таков предлог и таква најава која наликуваше можеби на некаква закана дека САД ќе го напуштат НАТО, но тоа сепак не се случи.
-Во право е во димензијата во која бара европските држави, особено посилните, да одвојуваат повеќе средства за НАТО и нивна одбрана. Според него, но и реално е дека нема смисла преку 70% од финансирањето на НАТО да биде одпарите на граѓаните на САД. Веќе имаме добри поместувања во однос на финансирањето и тоа значи посилна и подобра одбрана и посилна Армија за секоја земја и НАТО. Тие сигнали веќе ги гледаме. Европските држави веќе се во секојдневна комуникација за колку да ги постигнат критериумите на САД. На долгорочен план, тоа значи дека се зацврстуваат одбраните и армиите на европските земји. Убеден сум дека НАТО ќе останат во НАТО, но и децидно ќе инсистираат да порасне буџетот на одредени европски држави кои се членки на Алијансата за посилна организација, а и Американците малку да се ослободат плаќања. Тоа им треба и како оправдување пред нивните граѓани кои одделуваат од буџетот за НАТО, потенцира Рамадани.
Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020-та, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешнополитичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија. На 15 ноември 1995 година државата го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел.
На 1 август, 2018 година генералниот секретар на НАТО упати писмо до министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија заедно со План за спроведување на процесот на пристапување во НАТО, а во октомври истата година, на состанок во Брисел формално беа завршени пристапните разговори. На 6 февруари 2019 г., постојаните претставници на 29-те земји членки на Алијансата во седиштето на НАТО го потпишаа пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија. По овој настан започна и следната фаза во која следуваше ратификација на Пристапниот протокол во националните парламенти и институции на земјите членки на Алијансата, а беше ратификуван и во нашето Собрание. Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, земјата стекна статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.
Н.П.