Македонија под карантин за 1.Мај по примерот на Србија?

од Берта Китинска

Прашање кое деновиве многу граѓани си го поставуваат е дали мерките за ограничување поради епидемијата за коронавирусот ќе важат и за претстојниот празник 1.Мај.

Денот, кој многу граѓани кои искористуваат за излегување во приорда и правење скара оваа година може да изостане поради епидемијата, иако Владата ги олабави мерките и полицискиот час во петок почнува од 19 часот.

Дали и во државава се очекуваат исти одлуки како и во Србија, каде забраната за движење за првомајските празници ќе трае од четврток, 30 април од 18 часот до понеделник, 4 мај до пет часот.

Како што соопштија од Српската Влада, граѓаните на возраст над 65 години ќе можат секој ден да излезат на еден час прошетка помеѓу 18 часот и 1 часот по полноќ, најмногу 600 метри од местото на живеење, додека продавниците за нив ќе бидат отворени во четврток од 16 до 19 часот.

Министерот за здравство денеска најави дека најверојатно во четврток ќе се знае дали ќе има карантин за Први мај.

-Се уште е рано да се каже дали ќе има тридневен карантин за викендот кој следни односно за првомајските празници. Во зависност на бројот на новозаболени, во соработка со комисијата за заразни болести и нивната анализа, ќе ја донесеме заеднички одлуката која најверојатно ќе ја соопштиме во четврток.Тешко е да се биде затворен, но со помош на оваа мерка успеваме успешно да се избориме со коронавирусот.Ова е време кога сите треба да се воздржиме за доброто на сите, изјави Филипче.

Министерот вчера изјави дека дел од граѓаните ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема во затворен простор или на отворено доколку не може да се одржи растојание, но поголем дел не ја почитуваат па затоа побара уште од денес да се воведат казните, да не се чека до 1Мај.

Казна од 20 евра е предвидена за граѓаните што ќе бидат затекнати на јавни површини без заштитна опрема како маска, марама или шал, со кои треба да го покријат лицето како превенција од ширење на ковид-19.

За правните лица што нема да обезбедат заштитна опрема на своите вработени, пак, казната е 2 000 евра, а за одговорното лице во фирмата казната е 500 евра.

Според владината уредба со законска сила, има само неколку исклучоци и тоа за лице/a кое:

– носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на работните задачи;
– престојува во двор на станбена семејна куќа;
– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности;
– патува во патничко моторно возило со лица со кои лицето живее во заедница или домаќинство или
– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице..

Целта на носењето маски, дури и на отворен простор на кој не може да се држи растојание поголемо од два метри, е да се намали можноста за пренесување на ковид-19. Во повеќе јавни настапи, стручните лица објаснуваа дека заштитата на устата или носот пред сѐ ја намалува можноста носител на вирусот да зарази други лица. Секундарна придобивка би требало да биде спречување на допири на устата или носот со рацете, кои можеби се контаминирани по допир на јавни површини.

Граѓаните кои денеска беа да ги подигнат пензиите од банките  ја почитуваа мерката за носење заштитна опрема и одржување на растојание. И граѓаните кои нашата екипа ги затекна низ маркетите се придржуваа на новата мерка.

Слични содржини