Македонската фудбалска репрезентација не успеа да го задржи вчерашниот резултат и со гол примен во финишот од натпреварот загуби на гостувањето во Скадар кај Албанија со 2:1.
Натпреварот продолжи од 76.минута, момент кога и беше прекинат поради синоќешното невреме. До 89.минута немаше шанси за гол на двете страни, а тогаш по една нафрлена топка Беким Балај го совлада Константин Захов за голема радост на албанските фудбалери.

Македонија имаше можност да го изедначи резултатот во судиското надополнување, но ударот на Бесарт Ибраими од изгледна позиција домашниот голман го одбрани, а во продолжение на акцијата топката се одби до Ванче Шиков кој беше фаулиран, но судијата не досуди пенал.
Ова беше последен дуел од 1.коло во групата Г од квалификациите за Светското првенство 2018.
Вчера Шпанија го победи Лихтенштајн со 8:0, додека Италија беше поуспешна на гостувањето во Израел со 3:1./МИА