Македонската економија и по пандемијата се уште во грч

од desk2

Македонската економија за време и по пандемијата како во лавиринт, не може да излезе на правиот пат од каде ќе се раздвижат работите во позитивна насока. Стопанството, како и одделни индустриски гранки се како во грч, а цените на производите тргнаа во нагорна линија. Оваа констатација ја потврдија и од Виенскиот институт. Во нивната анализа тие оценуваат дека Македонија е една од трите источно –европски економии каде нема подобрување во економијата.

Економскиот аналитичар Методија Михајловски, кој зад себе има долгогодишно искуство во стопанството на поранешните ЈУ простори вели: -Како прво треба да се потенцира дека не само Виенскиот институт, туку и многу други релевантни светски организации  се занимаваат со ова прашање и најважно од се е дека се сите единствени во оценката кога е во прашање македонската економија. Ваквиот став пред се произлегува од неостварените очекувања кои се темелат врз резултатите и стандардот што го постави претходната Влада.

Второ македонскиот економски хаос комотно може да го третираме како потполна непознаница, како феномен за кој се потребни повеќе сеопфатни студии за да се добие вистинската слика која еве за среќа и меѓународната заедница полека почнува да ја распознава.

Ова прашање сигурно треба да се третира пошироко за да го даде одговорот кој ќе ја обликува  вистинската слика која би била како сознание од голема корист во креирањето на идните економски решенија,“ смета Михајловски, член на ИК на МААК.

На оваа тема економскиот истражувачки институт во Македонија, Finance Think нема направено анализа поради што економскиот аналитичар, Бојан Србиноски вели дека не може да даде свое мислење.

Сведување на финансиската рамка на пакетите на реалните околности

Меѓутоа по однос на тоа дали Владата обезбеди доволна поддршка на економијата за време на пандемската криза, Србиноски образложи дека во институтот спровеле две одделни истражување како пазарот ги оцени економските мерки против ковид 19. Врз основа на таа анализи „Finance Think“, објави: „Анализата покажува дека пазарот негативно го оцени првиот пакет мерки, но оптимистички реагираше на вториот, докажувајќи дека формата и големината на мерките беше соодветна за поттикнување на економијата. Инвеститорите беа резервирани по објавите на третиот и четвртиот пакет мерки, веројатно затоа што веќе ја имаа вградено информацијата за ниската реализација на мерките од претходните два пакета.

За петтиот пакет мерки поврзани со кризата со КОВИД-19, Србиноски ја посочи објавата од институтот, каде стои: „петтиот пакет мерки е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите (мерки со социјален карактер) и стимулираат економско закрепнување (мерки со развоен карактер). Додека самото објавување на петтиот пакет мерки може да создаде позитивен сентимент во економијата, соодветната реализација е клучна за ефективноста на мерките;  Според своите анализи на владините ковид мерки апелираат дека брзоплетото донесување следен пакет мерки без да се има предвид капацитетот за реализација на претходните и новите мерки, носи ризик од нецелосни резултати.

Во таа смисла, подолгиот период на осмислување пакетот да одговара со тековната фаза на економијата, консултациите и сведувањето на обемот (во смисла на финансиската рамка) на пакетот на реалните околности, споредено со претходните четири пакети, се чекори за поздравување. “ Ова стои како заклучок за корисноста од владините мерки за амортизација на кризата предизвикана од пандемијата.

За разлика од ставот изнесен од анализата на Институтот, Михајловски смета дека прашањето дали македонската Влада обезбеди доволна поддршка на економијата во кризниот период е логично, но не може да има одговор. А на тоа зошто е така Михајловски вели: – Политичка Влада која ја презема власта по насилен пат, политичка влада која нема политичка програма, а посебно нема економска програма, не може да понуди ништо друго освен хаос и безредие проследени со огромен криминал. Оттаму денес е многу тешко да се дефинира што е тоа што се вика македонска економија.

Стопанските субјекти се оставени на ветромет и во необјаснива фаза на преживување и само со едно единствено очекување дека сепак еднаш ќе се стави крај на ваквата состојба. Па така не само што оваа влада не обезбеди никаква поддршка за економијата, туку лажната јавно прикажувана состојба допрва ќе ги изненадува граѓаните со долгорочните последици од реалните состојби во економијата. Ова е многу широка тема, вели Михајловски.

Капиталните вложувања сведени на минимум

Македонија според анализите на економистите заостанува и на полето на капиталните вложувања. Податоците од анализите во првите пет месеци од годинава покажуваат реализација на само 22 отсто.

Михајловски објаснува дека од влада која доаѓа на власт без понудено ветување  изразено како јасно искажан концепт и стратегија не може да се очекува дека таа има обврска нешто да се исполни.

-Згора на се во изминатите пет години се потрошија пет буџети  и државата се задолжи  дополнително и без реална потреба по разни основи за уште скоро четири милијарди евра и никој не реагира по ниту еден основ.

Од кого и од каде да се очекуваат некакви капитални инвестиции? Од влада која на очиглед на сите работи на тотално разнебитување на државата не може да се очекува ништо  во сферата на капиталните инвестиции.“

Дека капиталните инвестиции затаија, смета и Игор Јолески од ВМЦ Македонија, компанија ќерка на италијанската ВМЦ, кои произведуваат бетонски канализациски цевки, прстени конуси и иновативни бетонски шахти со хидраулична отпорност. Според него се уште се провлекуваат капиталните инвестиции од маркетингот на претходната влада, а нови нема. Тој вели дека компании со специфично производство како нивната во многу зависат од капиталните објекти во државата, а годинава не можат да се пофалат дека има такви. И тој е со став дека само околу 22 отсто од капиталните објекти се реализирани, што во суштина е многу малку. И нагласува дека капиталните објекти се важни за опстојување на многу гранки во стопанството и одредени индустрии, особено поврзани со градежништвото.

И економистите и граѓаните стравуваат од „прегревање“ на економијата и инфлација

Кревката македонска економија не остана имуна на ценовните флуктуации на одредени производи. Пандемијата повеќе или помалку влијае и на инфлацијата која полека се покажува (3% во мај). Економскиот аналитичар, Бојан Србиноски од „Finance Think“ на оваа тема во неодамнешно интервју рече:

-Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти. Тие внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулс даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација

Со оглед на самата природа на пандемскиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени.

Според него постојат пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период:

Цените на горивата искусија значајни циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на пред пандемското ниво со нагорен тренд во 2021.

Пандемијата предизвика асиметрични шокови поттикнувајќи алокација на потрошувачката од еден сектор во друг. Создадената нерамнотежа на одредени пазари ги наруши цените на производите кои се тргуваат на тие пазари.

Бавното приспособување на цените на производните инпути може да предизвика привремена инфлација, бидејќи растот на цените на производите кои имаа зголемена побарувачка е поголем од падот на цените на производите кои имаа пад на побарувачката.

-Прекинот на даночните олеснувања кои се даваа во текот на пандемијата предизвикува привремен раст на инфлацијата, иако тие создадоа надолен притисок врз цените во периодот на нивно имплементирање.

Неизвесноста во поглед на пролонгирање на пандемиската состојба создава притисок за корекција на цените во одредени сектори, особено секторите кои беа погодени од карантинот.

Михајловски пак со политички одговор по ова прашање:Кога вистината нема смисла, тогаш илузијата си ја приграбува  смислата и ја прикажува како реалност. Со други зборови кога немате економија, тоа значи дека некој друг ти ја креира економијата и ти немаш никакво право на учество. На ова прашање може да одговори само стечајниот управник кој засега е многу милозлив и дарежлив. Да се надеваме дека и во иднина ќе остане таков.“

 „Нов хуманизам“ за предизвиците на „новата ера“

Тој по прашањето како би се одразил нов бран на ковид врз економијата, којшто веќе го најавуваат повеќе домашни и светски здравствени работници , додава: „Овопланетарните планери му оставаат многу време и простор на постоечкиот светски поредок со кодното име „новиот хуманизам“ за да изнајде нови решенија за предизвиците кои ги носи „новата ера“ за во согласност со намерата да се спојат физичкото, биолошкото, и дигиталното што секако се веќе во некаква завршна фаза.“

Додека за враќањето на нештата во нормала, Михајловски вели:- За да се постигне тоа неминовно е прибегнување и враќање кон моралните вредности кои можат да генерираат  говор на почит, односно меѓусебна почит која може да и дозволи на интелигенцијата да ги преземе работите во свои раце.“

М.Б.

Слични содржини