Македонски јазик во италијанските училишта каде што дијаспората е најприсутна

од Nikola Popovski
223 прегледи

Поинтензивна соработка меѓу сродни институции, размена на уметници, научници и млади луѓе, како и широк спектар на активности кои уште повеќе ќе ги доближат двете земји, се содржани во петтата Програма за соработка на полето на културата, образованието и науката меѓу Република Северна Македонија и Италија што денеска ја потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и италијанскиот амбасадор во нашата земја, Андреа Силвестри.

Во своето излагање во Музејот на современата уметност, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска нагласи дека оваа, петта Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката, која има важност до 2025 година, нè исправа пред нови шанси за продлабочување и зацврстување на комуникацијата, размена на искуства и афирмација на вредностите на двете земји.

„Задоволни од сè што е постигнато досега, знаеме дека секогаш може подобро и повеќе, и во размената на искуства во заштитата на културното наследство, и во негувањето на двата јазика во обете земји, во соработката во кинематографијата, нашето претставување на Венециското биенале и чествувањето на св. Кирил во Рим. Програмата нуди посебни поволности за младите на полето на науката, образованието и културата, стипендии, размени, заеднички можности“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Таа им честиташе на италијанските уметници Масаруто и Геци за изложбата поставена во МСУ, која, како што рече, предизвикува голем интерес во нашата јавност, отвори нови прашања и актуализира универзални теми од кои сме засегнати сите.

Италијанскиот амбасадор, Андреа Силвестри, додаде дека минатиот месец, за време на неговата официјална посета на Скопје, претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, меѓу многуте важни теми од билатерален интерес, даде особено значење на соработката на полето на културата, поле каде што Италија се смета за суперсила.

„И среќен сум што само еден месец по посетата успеавме да го организираме потпишувањето на овој значаен документ“, истакна Силвестри. Амбасадорот, како особено значајни, ги истакна културните проекти реализирани меѓу двете земји, а најави дека ќе биде организирана и Неделата посветена на италијанската кујна, која има културна вредност, препознаена и од УНЕСКО.

Силвестри посочи дека во рамките на договорот, посебно внимание е посветено и на промоцијата на италијанскиот и на македонскиот јазик, а истакна дека Програмата предвидува и пилот-проект за изучување на македонскиот јазик во италијанските училишта каде што дијаспората е најприсутна. Тој потсети дека во тек е и Неделата на италијанскиот јазик во светот којашто започна во понеделникот и е посветена на италијанскиот јазик што го говорат младите.

Сегмент од културната размена меѓу двете држави е и изложбата „Современи екосистеми“ од италијанските уметници Антонио Масаруто и Роберто Геци, која до 26 октомври ќе биде поставена во Музејот на современата уметност.

Изложбата која е остварена благодарејќи на престојот на уметниците во новиот Национален парк „Шар Планина“ има цел за ја стимулира јавната свест за важноста на локалното природно наследство. На прес-конференцијата беше нагласено дека голем број дела од оваа изложба ќе бидат донирани на МСУ и на други инстутиции покровители на проектот.

Слични содржини