Најаватa за увоз на 10 илјади странски работници предизвика бројните реакции во јавноста особено поради фактот што во државата има 100 илјади невработени. Поголем дел од граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека апсурдно е да се носи ваква одлука кога во државата има голем број невработени. И покрај тоа што квотата за увоз на странски работници е далеку пониска од онаа во земјите од регионот и не отстапува многу од минатогодишната, сепак се поставува прашањето каде се нашите невработени?
-За мене ова е уште една потврда дека Македонија е во сопственост на мала група бизнисмени на кои политичарите им се само слуги и кои заедно секој ден, сѐ повеќе и повеќе, ја претвораат државата во економска депонија. Во Македонија има повеќе од 90.000 официјални невработени, односно луѓе кои сакаат да работат ама не можат да најдат работа, и повеќе од 700.000 неактивни, односно луѓе кои не работат ама веќе не ни бараат работа, затоа што знаат дека не можат да најдат. Во таква ситуација да се зборува за недостиг на работници и да се заговара носење работници од странство не само што е нон-сенс, туку е и нехумано, изјави за „Локално“, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ
Тој вели дека наместо да се решава домашната невработеност, преку повисоко плати, подобри работни услови, подобри услуги од агенцијата за вработување, се заговара носење работници од странство…
-Од ова корист ќе имаат само мал број бизнисмени кои само гледаат како да исплатат пониски плати и како повеќе да ги исцедат работниците, за тие да можат да си купуваат најскапи коли или нешто друго. Да нема недоразбирања, апсолутно треба да бидеме земја која ќе биде отворена за секој кој сака да дојде тука да живее и работи. Ама не организирано да се носат работници од уште посиромашни земји, кои ќе работат тука во нехумани услови, за плати под законскиот минимум (затоа што се зборува дека им земаат дел од платата), ќе бидат малтретирани, ќе им ги земаат пасошите за да не бегаат…Недостиг на работна сила единствено има само кај професиите со високо образование, како доктори, инженери, програмери, во последно време и економисти затоа што овие луѓе постојано си заминуваат од државата. И за овие позиции е во ред да се олеснат условите за странски работници. Ама ова што сега се предлага нема врска со тоа, смета Јовановиќ.
И опозицијата излезе со остри критики за одлуката за 10 илјади работни дозволи за странци, со која Владата свесно ја жртвува иднината на македонските работници, градејќи модел на евтина увезена работна сила што ги притиска платите, ги девалвира трудот и ја става државата во служба на крупниот капитал, наместо да создаде услови за задржување на домашното население.
Од СДСМ, обвинуваат дека оваа одлука се поклопува со пишувањата на британските медиуми за договори за доаѓање мигранти во Македонија, а Владата отвора врата за масовен увоз на таканаречени „економски работници“, на штета на домашниот стандард.
Б.С.