Македонски политички разврски

„Се чини единствено нешто што може сериозно да ја размрда стабилната политичка позиција на премиерот Мицкоски е драстичниот пад на гласови на контото на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (пад за околу 100.000 гласови), и драстично намалување на бројот на гласовите на неговите коалициски партнери од ЗНАМ и ВЛЕН. Тоа може да доведе до криза во односите во владината коалиција и преиспитување на истата постизборно, барем во ваков формат“

од Nikola Popovski
68 прегледи Фото: Локално

За  десетина денови од сега, ќе се знаат резултатите од првиот круг на овогодинешните локални избори, кои ќе се одржат есенва во месеците октомври и ноември. И покрај тоа што станува збор за комунални избори, односно за такви на кои се бираат градоначалници во 80 општини и Градот Скопје, соодветно и членови на советите во односните локални самоуправи, и на овие локални избори гледаме заострена реторика за „големите национални теми“. Па  така во говорот на премиерот Мицкоски ,видовме упатени низа на обвинувања за „продажба на националните интереси“ и „партија финансирана од источниот сосед“, па дури беше вмешано и името на поранешниот премиер Зоран Заев. Во предизборните спотови на опозициската СДСМ, пак се вметнува откас од средбата на Мицкоски – Борисов, со која сака да се наметне впечаток дека премиерот дома се прави патриотски лав, а пред поранешниот бугарски премиер преде како „понизно маче“. Нејсе! Зошто е тоа така?! Бидејќи на едни локални избори, на кои треба да се гласа за општински „татковци и мајки“, кои хортикултурно и урбано   треба да водат град/општина, политичките кариери ги завршиле „големи македонски политички имиња“, од типот на поранешните премиери Бранко Црвенковски, Никола Груевски и Зоран Заев, соодветно на локалните избори во 2013,2017 и 2021 –та година. Па затоа влоговите се подигнуваат на максимум, и затоа реториката се заострува, особено во т.н етничко  албански политички блок. Поради овие причини, главниот град е во тотален хаос и распад, а ништо подобри не се ни другите градови и општини низ Републиката во однос на чистотата, амбиенталниот водзух или урбанистичкиот хаос.

Претседателот на СДСМ во невидени небрани маки!

Во дадениов момент, во најнезавидна ситуација е лидерот на СДСМ Венко Филипче. Освен извесната победа на кандидатот во Општина Центар и актуелен градоначалник Горан Герасимовски за нов мандат во општината, како и конкуретноста за освојување на градоначалничко место и добар резултат на советничката листа на кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров Костадин Ацевски, кој со својот тим наметнува нов пристап во комуникацијата со граѓаните и нудење на конкретни решенија за натрупаните проблеми од локален карактер, СДСМ се очекува да ги загуби во  сите скопски општини, онаму каде што има актуелни вмровски градоначалници, и главниот град Скопје, а некои (читај: анкетите) велат дека во многу општини нема да влезе на „бараж“, односно во вториот круг . Дополнително, со кандидирањето на ужасно слабиот кандидат во Општина Струмица, исфрлајќи го актуелниот Костадин Костадинов, во оваа традиционално сдсмовска општина на југоистокот на Македонија , се отвори простор за советничката  листа на новата партија ЗНАМ, која со проверени и почитувани кандидати за советници од сите општествени сфери, предводени од Александар Илиев, се очекува да освојат  значителен  и  респектабилен  број на гласови, кои преточени во советнички мандати, ќе ја позиционираат оваа политичка партија, клучна во Советот на Општина Струмица при креирање на политиките за граѓаните. На крајот, коалицијата предводена од Либерално-Демократската партија, која настапува со сопствени листи во преку 35 општини низ Македонија, со политички тешкаш  за носител во главниот град од типот на поранешниот градоначалник Ристо Пенов, и актуелниот  советник Никола Пановски, како и со лица кои претендираат да освојат значителен  квантум на гласови , особено во поурбаните средини, но и насекаде, а со тоа да направат позитивен  изборен успех и резултат, со кој ќе се репозиционираат наново како фактор на македонската политичка сцена, укажува дека политичките потези на лидерот на СДСМ, В. Филипче биле ужасни и катастрофални, губејќи ја и оваа партија од својот коалициски басен на овие избори. За тоа може и да ја плати сопствената политичка цена. Но за тоа, постизборно, кога ќе се видат „првите резултатити “ на првиот круг на изборите. Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски е далеку покомотен. Очекува убедлива победа или „џандар збира“ резултат и се чини единствено нешто што може сериозно да ја размрда неговата стабилна политичка позиција е драстичниот пад на гласови на контото на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (пад за околу 100.000 гласови), и драстично намалување на бројот на гласовите на неговите коалициски партнери од ЗНАМ и ВЛЕН. Тоа може да доведе до криза во односите во владината коалиција и преиспитување на истата постизборно, барем во ваков формат.

Битката кај Албанците се на „се или ништо“

Во етничко-албанскиот политички блок, и покрај тоа што се мисли дека е најнеизвесно, многу е просто и работите стојат вака: коалицијата предводена од ДУИ , ќе „згази“ на советничките листи, во однос на противкандидатите од ВЛЕН , всушност каде што се гласа „чисто етнички“, додека  во оние општини каде што решавачки може да бидат гласачите етнички Македонци, може да се очекува „мртва“ трка. Доколку  ДУИ победи речиси во сите Општини низ северозападна Македонија, вклучително и Општините Тетово и Чаир , тогаш ВЛЕН де факто веќе нема ни да постои и ќе се растури како кула од карти во наредните неколку години, а доколку оваа владејачка етничко-албанска коалиција успее да ги задржи Општините Чаир и Тетово под своја власт, тогаш ќе тврдат дека тие се „победници“ и го имаат легитимитетот кај Албанците. Трета варијанта нема!

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.