Македонскиот филм „Исцелител“ ќе биде прикажан на HBO филмскиот канал Cinemax 2 за Нова година

од desk2
154 прегледи

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески премиерно ќе се емитува за Нова година на престижниот филмски канал Cinemax 2, од семејството на HBO канали. Филмот од 31 декември ќе биде достапен и во понудата на HBO стриминг услугата на видео на барање – HBO GO.

Cinemax 2 е филмски канал кој се фокусира на филмски класици, култни филмови и евергрини, како и актуелни меѓународни и европски сензации од филмските фестивали. Филмската програма на Cinemax 2 прикажува безвременски врвни режисерски и актерски остварувања, а гледачите уживаат во разновидна програма со атрактивни наслови, трилери, хорори и серии.

Филмот „Исцелител“ во ударниот термин од 20.30 часот на новогодишната ноќ, освен во Македонија, ќе се емитува низ цела централна Европа, односно во: Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Романија, Молдавија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Со ова голем број на гледачи низ Европа ќе се запознаат со дебитантскиот филм на режисерот Ѓорче Ставрески.

Со новогодишното прикажување на „Исцелител“ продолжува серијата успеси и остварувања на филмот. Претходно „Исцелител“ ја освои наградата на публиката на Солунскиот филмски фестивал (прва во македонската историја), специјалната награда за сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел, а доби и фантастични рецензии во речиси сите филмски списанија, како „Варајети“, „Скрин Дејли“ и „Холивуд Репортер“ каде дури беше предложена и идејата да се направи американски римејк на филмот.

„Исцелител“ веќе шеста седмица се прикажува во кината „Синеплекс“ и „Милениум“, а ја имаше и својата премиера во Битола и Штип.

HBO е светска програма која се добива со претплата преку оператори, но има и своја продукција која од која произлегуваат некои од најпознатите светски серии, како „Сексот и градот“, „Сопранови“, „Игра на тронови“ и други.

„Исцелител“ е првиот македонски филм кој е дел од понудата на видео стриминг услугата HBO GO. Од неодамна, во Македонија е достапна и можноста за директна претплата на HBO GO преку интернет-страницата hbogo.mk. Сите нови корисници можат да ја испробаат услугата еден месец бесплатно без обврски.