Македонци, Срби, Бугари но и Британци и Турци… Во Грција се случува „инвестициски бум“ во недвижниот бизнис. Македонските државјани не само што купуваат станови за лична комоција, туку инвестираат во станбени комплекси…
Цените на становите во Грција за пет години вртоглаво се зголемија
„Двојно поскапе метар квадратен станбена површина изминатите години. Има голем наплив на купувачи од странство, најмногу од земјите околу нас“ – вака вели еден мештанин, Грк, во туристичкото место Каликратија кое е атрактивно место за македонските и за српските туристи.
Купување на стан, апартман, земјиште со куќа изминатите години стана популарен тренд и за македонските граѓани. Најмногу недвижности од страна на нашите државјани се купени на туристичките места околу Солун и на локации на првиот крак Касандра кој е дел од полуостровот Халкидики.
„Станот од околу 55 квадрати, целосно нов, во градба го платив 2 000 евра за квадрат, зградата е нова“ – вели за „Локално“ еден велешанец и на шега додава дека на грчкото крајбрежје нашите граѓани се рапоредени според градот од каде доаѓаат – Скопјани купувале во Неа флогита, Криопиги, Штипјани, Кавадарчани, Велешани пак во Каликратија.
„За станот од 55 кавдрати плативме 80 000 евра, но станот беше руиниран, целосно го реновиравме така што не чини нешто повеќе од 100 000 евра“ – вели една скопјанка чие семејство поседува стан во Каликратија.
Македонски инвестиции на грчко крајбрежје
Нашите граѓани освен што купуваат станови, веќе се појавуваат и како инвеститори на станбени комплекси. Видливо беше дека наши државјани се појавуваат како инвеститори на комплекси на апартмани и станови лоцирани на популарните и најпосетувани места од македонските туристи. Хотелско-станбените комплекси во кои се продаваат станови и апартмани нудат различна цена за метар квадратен во зависност од регионот, атрактивноста на локацијата, близната до плажата, но таа не е пониска од 2.000 евра.
Една од анализите на Банка на Грција покажала дека изминатите пет години вложувањата со потекло од Македонија се зголемиле дури за пет пати, од само неколку милиони евра годишно до двоцифрена бројка на инвестирана сума. Грчкиот пазар со недвижности доживеа бројни удари, глобалната финансиска криза, должничката криза на грчката економија а потоа и ковид – здравствената која донесе крах на туризмот во Грција.
Дополнително пред околу шест години грчката влада ја промени даночната политика за недвижности што предизвика зголемени трошоци за грчките државјани. Сето ова го урна пазарот со недвижности – цените го допреа дното а Грците ги „распродаваа“ становите и апартманите за „багателна“ сума.
Но изминатите години драматично се зголеми интересот за вложување во недвижности во Грција. Овој тренд на зголемената побарувачка го направи своето – и цените се зголемија.
Грција не е атрактивна само за инвестиции од македонските државјани, значајни вложувања во недвижности имаат и Срби, Бугари, Британци. На само една српска агенција за недвижности во моментов има понуда за продажба на 1.000 станови, куќи и хотелски комплекси на Халикидики а една од повисоките цени е 1.250.000 евра за хотел со стотина соби/апартмани на првиот крак.
Од Македонија, не е мал бројот на јавни личности, поранешни и сегашни функционери, градоначалници, кои поседуваат недвижности во Грција. И дел од нашите градежни компании веќе се пробија на грчкиот пазар со недвижности каде се појавија како инвеститори и продавачи на апартмани и станови.
Д.А.
Фото: Локално