Македонското и бугарското ОЈО ќе ги споредуваат листите со патници на „Беса транс“

од Nikola Popovski

Веднаш по денешната прес конференција на бугарските органи на истрагата во врска со сообраќајната несреќа што се случи завчера на автопатот „Струма“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде усна наредба до СВР Скопје за обезбедување на листи на патници кои со автобуси на БЕСА ТРАНС ја напуштиле Република Северна Македонија на 18.11.2021 година и листи на патници кои влегле во државава на 22.11.2021 година.

-Обезбедувањето на листите од граничните премини е со цел да се направи споредба на патниците, бидејќи според изјавата на обвинителот Сарафов недостасува еден патник од запалениот автобус. Истата постапка ја спроведува и бугарското обвинителство кое ги споредува листите од граничните премини за влез на патници од Република Северна Македонија во Република Бугарија на 18.11.2021 година и листите за влез од Република Турција во Република Бугарија на 22.11.2021 година и излез од Република Бугарија кон нашата земја наредниот ден, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Портпаролката на главниот бугарски обвинител Сијка Милева на денешната прес-конференција информираше дека при посетата на пациентите во болницата во „Пирогов“ добила информација од еден од повредените дека осум лица се спасиле од запалениот автобус.

-Јас бев на местото на несреќата, глетката на јагленосаните тела засекогаш ќе ми остане во спомен.Воедно тешко ми стана кога бевме во посета на повредените од сообраќајката.Јас разговарав со нив прашавме дали на некого му треба телефон, вода…но, тие веднаш прашаа каде им се роднините, едниот пациент си го побара синот. Во разговор со еден од повредените кој успеал да го скрши стаклото од автобусот ми беше кажано дека од несреќата се имаат спасено осум лица, но не знае каде е осмиот патник. Нашата екипа при истрагата утврди дека вкупно има 44 трупа, што потврдува дека од несреќата се спасиле осум лица. Сведокот истата информација ја потврди во разговор со Серафов дека осум лица се спасиле од автобусот, изјави Милева.

Слични содржини