„Макстил“ дава 3000 денари бонус на плата на сите вработени кои ќе приложат документ дека се вакцинирани

од Берта Китинска

Бонусот  на плата во износ од 3000 денари ги натера вработените од компанијата Макстил АД побрзо да се решат да примат вакцина. Компанијата  веќе втор месец исплаќа ваков додаток на сите работници кои ќе приложат документ дека се вакцинирани.„Нашата цел беше да се наградат вработените кои се грижат за себе, за колегите, за здравјето на своето семејство, за компанијата, но и да биде мотив плус за оние што се двоумат’’, изјави за Локално.мк генералниот директор Иван Бановски. Реакциите , како што вели, биле позитивни, особено од оние кои немаат сомнеж во потребата од имунизација, но нагласува дека чекорот не треба да се разбере како притисок врз сите кои размислуваат поинаку,туку само како начин за дополнителен поттик.

Од почетокот на процесот на имунизација досега, вакцинирани се околу 40% од вработените, податок кој според  Бановски  е доволна причина сите во компанијата  да се чувствуваат посмирени. Макстил е првата компанија во нашата држава  која се одлучи на ваков потег, и од таму се надеваат дека ќе претставуваат позитивен пример, особено во однос на сите оние кои се уште се двоумат дали да се вакцинираат.

Според Бановски, компанијата која е дел од групацијата Дуферко , протоколи во насока на заштита од пандемијата добила од Швајцарија уште пред да бидат донесени првите мерки од страна на нашата Влада.„Мерките почнавме да ги спроведуваме уште од почетокот на месец март, а строго се придржувавме и до владините мерки веднаш по нивното донесување’’, вели Бановски.Токму ова било причината поради која во компанијата не се создал кластер и не бил загрозен процесот на производство. Уште на самиот почеток, дел од вработените побарале од раководството  да помогне во процесот на обезбедување вакцини, и за сите нив тие биле обезбедени.

Мерките за заштита доследно се почитуваат, а тие подразбираат двосменско работење на администрацијата, работа од дома (таму каде што може), редовна дезинфекција на сите простории и на погоните, носење маски, почитување на пропишаната дистанца, забрана за групирање….На овој начин според Бановски, се заштитуваат вработените и нивните семејства, а процесот на производство се одвива без какви било проблеми.

К.В.С.

Слични содржини