Мала бројка на мигранти не може да ја смени демографската слика на Македонија, но евентуални 100.000 би значеле алармантна состојба

Проф. Пајазити: Интеграцијата на мигрантите кај нас би била многу проблематична, а нивната намера не е Балканот туку ултра-развиените европски земји

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: Локално

Во Македонија продолжуваат обвинувањата за евентуални мигрантски кампови со лица кои би биле одбиени од Велика Британија. Додека СДСМ предупредува на бран мигранти, а Филипче бара граѓаните да поддржат петиција против отворањето такви кампови, премиерот Христијан Мицкоски вели дека додека е премиер, нема да никне ниту еден бегалски шатор во Македонија.

Во однос на оваа тема, во јавноста се поставува нова дилема. Дали евентуален трансфер на одбиени мигранти и азиланти од Обединетото Кралство во скора перспектива ќе доведе до промена на демографската карта на Македонија. За дел од експертите од областа на демографијата, иако сме на нивото на шпекулации и хипопетичка сосотојба, социолошки гледано, ако бројката е мала, незначителна, во перспектива не може да има демографска промена во нашето општество. Но, според универзитетскиот професор и социолог, Али Пајазити, ако во агендата е бројката од 100.000 која се споменува, тогаш веќе сме во поинаква футуристичка слика затоа што и така, според последниот попис, бројот на автентични жители, родум граѓани на РМВ, се намалува и сме во слегувачка линија.

Али Пајазити/Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Тогаш состојбата би била алармантна, бидејќи се работи за круцијална заедница. Јас не верувам во ова сценарио, во трајното населување на оваа бројка. Терминот гастарбајтер би бил најсоодветна политика, работна сила да, транзитна перспектива, вели Пајазити за „Локално“.

Според него, оваа евентуална наметната „демографска инјекција“ нормално дека ќе ги расипе општествените баланси во Македонија, бидејќи, како што вели, антрополошки и културолошки се работи за преставници на заедници кои немаат заедничко со нашето тло.

-Британија и колониалистичките земји имаа историска поврзаност со земјите од Африка, Среден Исток и Азија, па натурализацијата е полесна во нивнииот контекст. Имаат и морална обврска да ги прифаќаат генерациите кои се наследници на бившите нивни сограѓани. Интеграцијата кај нас би била многу проблематична, плус намерата на мигрантите не е Балкан, тие стремат кон ултра-развиените европски земји, посочува професорот и додава дека Македонија ги нема потребните финансиски и логистички капацитети да управува со големи центри за азил и интеграција на префрлени лица од друга земја.

Соговорникот оценува макро-безбедноста на би била загрозена, но во микро-план би се создавале кризни џебови.

-Гетоизацијата и ксенофобијата би биле нус продукти на овој можен потез на нашиот лидершип. Секој човек во сржта е светиња, е добродојден, но по природна линија, а не со ад хок политики базирани на лични национални интереси. Како заклучок во ерата на глобализацијата хоризонталната мобилност на луѓето не може да се запре, некогаш е и посакувана (како на пр. работна рака), па така и ние не можеме херметички да се затвориме кон светот, било тоа да е Третиот и неразвиен, објаснува проф. Пајазити, додавајќи дека „парите не треба да се ставаат пред националните интереси“.

-Либерални да ама со усул. Прагматични да ама и далекувидни, констатира социологот.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма

Проблемот со демографијата е децениски и плод на недостиг од континуирани мерки што ќе го намалат или барем ублажат демографскиот пад. Претходните влади воопшто не успеале во тоа, ако се имаат предвид податоците на Евростат, според кои Македонија е меѓу шесте земји со најголем пад на населението помеѓу 2012 и 2022 година (-11%). Во 2022 година земјата имала 227 илјади жители помалку отколу во 2012 година. Во истиот период Србија загубила 554 илјади жители (-7,68%), а БиХ 6,74 проценти.

Но, загубата не е типична само за балканските земји кои не се членки на ЕУ. Романија на пример, таа деценија ја завршила со 1 милион жители помалку (-5%), Полска изгубила 859 илјади жители, но со оглед дека во 2012 година имала 38 милиони, падот изнесувал 2,26%. Соседна Бугарија изгубила 626 илјади жители (- 9,07%), а Хрватска 412 илјади жители (- 9,66%).

Демографијата е многу пошироко прашање од  грижа за наталитетот  и мерки за задржување на младите во земјата, бидејќи бара решенија во многу сегменти за да создадат стабилни услови за постоечките и идни семејства. Многу земји заради растечкиот проблем имаат формирано владини ресори за демографија, но првичните искуства (по речиси децениска работа) покажале дека еден ресор не може да се справи со сите предизвици на демографијата.

Државниот завод за статистика лани објави дека моменталниот годишен просек на иселување е 12. 000 луѓе и дека се очекува негативниот миграциски тренд да продолжи во следните 30 години. Ако се земат податоците од пописот во 2021 според кои во државата живеат 1.836.713 лица, тоа значи дека за помалку од пет децении ќе има намалување за повеќе од половина милион жители или за 35 отсто.

Н.П.