Малешевијата се пустоши пред очите на припадници на шумската и граничната полиција?

од Aleksandar Todeski
459 прегледи

Патот село Двориште-Струмица навидум е обичен пат, кој граѓаните секојдневно го користат за своите потреби. Но, ноќно време се претвора во место на кое „врие“ од нелегален транспорт на дрвна маса, најчесто во товарни комбиња или помали камиони, пишува порталот „Ден“.

Дел од шумската и граничната полиција премолчува за транспортот?

Изворите на „Ден“ говорат дека освен случувањата во Двориште, има уште многу други случаи во селата во Малешевијата, а сето тоа се случува пред очите на припадниците на граничната полиција, која го толерира овој нелегален транспорт, а за случајот премолчуваат и припадниците на шумската полиција. Ваквата врзана група функционира со години, а за целата работа да оди „мазно“, во групата има т.н. „чистачи“, кои неретко се припадници на граничната и шумската полиција.

Според нашите информации, имало повеќе обиди да се прекинат ваквите случаеви, кои во овој дел од државата не се реткост, но секогаш оние кои се посветени на решавањето на проблемот во Малешевијата наидуваат на препреки и закани.

„Ден“ го контактираше градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, кој топката ја префли кон Јавното претпријатие „Национални шуми“, шумската и граничната полиција.

„Грижата и стопанисување со шумите во нашата држава е исклучиво во надлежност на „Национални шуми“ и тие во координација со другите институции како Шумската полиција, Граничната полиција се целосно обврзани за справување со било каква несоодветна појава. Секогаш кога имало било каква негативна појава на бесправно сечење сите институции си реагирале соодветно и ефикасно. Како Локална самоуправа немаме добиено известување од граѓани и по конкретниот указ ќе преземеме иницијатива за координација со сите институции надлежни за спречување на било каква бесправна појава“, вели Пекевски.

До каде се случувањата во село Двориште?

Органите на власта водат борба со нелегалната сеча во село Двориште. На терен се секојдневно припадници на шумската полиција, МВР и граничната полиција, кои наспроти оние кои го премолчуваат криминалот, сакаат да се реши случајот.

Еден од сопствениците чија фирма се проверува повеќе пати е Симо Тренчовски од Богданци, кој по потекло е од Беровското село Двориште.

„Ден“ стапи во контакт со Тренчовски, за да ја каже неговата верзија на приказната, бидејќи на неколку наврати се проверува колку од дрвната маса која ја поседуваат тој и неговиот бизнис партнер е легално, а колку е нелегално стекната, но тој рече дека за да даде изјава, треба да се конслутира со партнерот и со нивните адвокати. Иако рече дека по консултациите ќе не конткатира, до објавување на текстот не добивме никаков одговор.

Во телефонскиот разговор, Тренчовски ни посочи дека тој и неговиот бизнис партнер се бореле за да се искорени нелегалниот бизнис во Малешевијата. Тој потврди дека неговата фирма е на повеќе наврати проверувана од страна на државните органи. Ни кажа и дека тој и неговиот бизнис партнер поседуваат дробилица, но официјална изјава не добивме.

Прашања во врска со случајот, на два пати испративме и до Министерството за внатрешни работи, но одговор од таму не добивме.

Извор: Ден.мк

 

Слични содржини