Манчевски: Го поддржуваат договорот со Бугарија или не, ни Мицкоски веќе не знае

од Aleksandar Todeski
314 прегледи

Салава е полна, што покажува дека сме на прав пат, но не само за овие луѓе тука, туку за сите во државата. Сите мерки кои ги имаме се донесуваат за сите граѓани, не ги делиме граѓаните, рече потпрестедателот на СДСМ и министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на трибината на СДСМ во Валандово, насловена „На прав пат“.

„Она што го ветивме, парите назад кај граѓаните, тоа и го правиме. Во рокови, во временски периоди што сме ги ветиле. За две и пол години направивме се што ветивме. Ете го повратот на ДДВ, сите кои скенираат сметки во декември ќе добијат пари. Минималната плата е повисока, тоа не е мала работа. Нашите политики се левичарски, да помогнеме на социјално загрозените, па затоа брутално одиме кон покачувањето на минималната плата. Ние сме свесни дека така ќе бараат повисоки плати и треба да бараат. Просечната плата денес е над 25.000 денари и тоа без да се пресмета новото покачување. Ако немавме избори порано, убеден сум дека во декември 2020 година, просечната плата ќе беше, но и се уште сум убеден дека ќе биде 30.000 денари“, рече Манчевски.

Тој вели дека за само две и пол години успеале да направат многу, но и дека може и мора повеќе. Додаде дека по изборите ќе работат двојно повеќе.

„Нема во никој случај со нас ризик да се вратат мрачните времиња, туку ние работиме за да има повисоки плати, да се обезбедат работни места. Невработеноста е на историски најниско ниво. Оваа власт заедно со локалната власт направила нешто за да има намалена невработеност, за подобро образование, за 43 нови градинки. Планот на Министерството за труд и социјална политика е многу амбициозен, сакаме 50% од сите деца во државата да бидат сместени во градинките“, истакна потпретседателот на СДСМ.

Тој вели дека не знае за што се залагаат од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи немаат програма.

„Сакаат да расте минималната плата или не сакаат? Го поддржуваат договорот со Бугарија или не го поддржуваат, ни Мицкоски веќе не знае. Класичен политички преварант. Единствено со што се согласуваме со ВМРО-ДПМНЕ е Груевски да се врати, но да се врати и да одговара. Но и за тоа имаме сериозен проблем, тоа е судството. Дадовме шанса, има светли примери, луѓе кои си ја сакаат работата, работат по закон. Мора да има ветинг. Пробувавме да го направиме и претходно, но решивме да дадеме шанса, да видиме дали ќе работат. Не само кај судиите, мора целиот сектор да се проветри, да направиме еден ветинг. Веднаш после победата на 12. април ќе го спроведеме ова ветување“, истакна Манчевски.

Потпретседателот на СДСМ вели дека не бил тежок влезот во НАТО и им се заблагодати на граѓаните што ги поддржале политиките кои осигураа влез во алијансата.

Слични содржини