Мапа коронавирус во Македонија: Куманово со највисока кумулативна инциденца, овие 5 градови се најбезбедни

од Берта Китинска

Вкупниот број на заболени лица од коронавирус во Македонија, заклучно со вчерашниот ден, се искачи на 1.386 случаи. Вчера потврдени се 19 нови случаи во седум градови во земјава.

Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Куманово со 260,0 заболени на 100.000 жители, Дебар (183,8/100.000) и Прилеп (147,9/100.000), додека инциденца над 50 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Велес, Струга, Скопје, Штип и Кочани (Табела 2, Картограм 1).

Регистрирани се случаи во скоро сите возрасни групи, најмногу од нив, 7 во возрасната група над 60 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 7 женски и 12 машки лица. Вкупниот број на смртни случаи во Македонија од коронавирус е 61, а на оздравени лица е 500. Од вкупниот број на смртни случаи најголем дел се на возраст над 60 години (n=41) Регистрирани се 43 смртни случаи кај лица од машки и 18 кај лица од женски пол.

Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 27 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово и Прилеп.

Според мапата на Институтот на јавно здравје  во Ресен, Свети Николе, Кратово, Делчево и Берово нема ниту еден заболен од Ковид 19.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,8%), кашлица (53,1%), малаксаност (34,5%), треска (19,0%), главоболка (16,4%), болка во грло (15,9%) и отежнато дишење (14,7%).

Кај 485 или 35,0% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 344 или 70,9% имале контакт со веќе потврден случај во државата.

Регистрирани се 227 (16,4%) случаи на заболување меѓу здравствени работници. Од 15-ти февруари во Македонија се извршени 15.120 тестирања на коронавирус.

Слични содржини