Маричиќ: С. Македонија веќе го потврди европскиот пат, но сега треба тој да се задржи стабилен

од Stefanija Kuzmanovska
127 прегледи

Северна Македонија веќе го потврди европскиот пат, но сега треба тој да се задржи стабилен, за што е потребен сериозен политички консензус околу прашањето за иднината и правецот на движење на земјата во следните 10 години, смета вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

„Тоа е темелот и предуслов за успешно заокружување на овој национален проект“, рече Маричиќ за годишниот мултимедијален јавен настан на ЦИВИЛ – „Перспективи 2023“.

Тој додаде дека граѓаните бараат и сакаат концепт кој носи извесност, реформи, неповратни фондови за развој на земјата и затоа, според Маричиќ, ова ќе биде година која ќе им потврди на граѓаните кој е искрен во намерите за трансформација на македонското општество на подобро, а кој бега од промените кои ги носи процесот на преговори.

„Политичко обединување и гаранција дека нема да стагнира земјата и дека ќе продолжи да се движи по патот кој носи стабилност, просперитет, нови можности и кој гради уредена држава, во која има функционални демократски институции“, посочи Маричиќ.

Тој потенцира дека последните години Владата покажува искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите и дека застануваат одговорно пред прашањата од областа на правосудството, борбата против корупцијата, подобрувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување, кои беа со забелешки и во Извештајот на Европската комисија за 2022 година.

Вицепремиерот истакна дека ова е време кога треба да се надминат тесно-партиските интереси и да не дозволиме после 17 години поминати во „чекалната“ на ЕУ, да се однесуваме неодговорно и да се доведеме во ситуација домашен политички фактор да биде кочница и да ја блокира државата на патот кон ЕУ.

„Очекувам годинава за Северна Македонија да биде уште поуспешна од претходната и да ја завршиме со одржување на втората Меѓувладина конференција и отворање на првиот Кластер“, вели Маричиќ.

Слични содржини