Маричиќ очекува натамошна поддршка од европските институции за реформската агенда

од Nikola Popovski

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, денес се сретна со новоназначената директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Валентина Суперти.

На средбата се разговараше за успешно завршениот скрининг процес, за спроведувањето на Планот за раст, одлучноста на двете страни за упорно работење со цел пристапување на државата во ЕУ, реализација на реформската агенда и поддршката која Европската Комисија постојано ја дава за Северна Македонија.

Во таа насока, вицепремиерот Маричиќ изрази очекување за натамошна поддршка од европските институции за реформската агенда и процесите кои се пред нас на патот кон ЕУ, укажувајќи дека тоа е ќе придонесе да го задржиме европскиот курс на државата, и на стабилноста на целиот регион.

Директорката Суперти истакна дека посветеноста и стратегијата за вклучување на Европската Комисија за проширување на унијата со земјите од Западен Балкан е важна политика за регионот и продолжува со максимално темпо. Планот за раст е инструмент за забрзување на клучните реформи, развој и поддршка на економиите на земјите од Западен Балкан, со цел напредок и реализација на стратешката цел за пристапување во ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за континуираната поддршка и одличната соработка која ја имаме со европските институции, потенцирајќи дека институциите ќе продолжат посветено да работат на евроинтеграциите, се до постигнување на крајнната цел, полноправното членство на државата во ЕУ.

На состанокот присуствуваа Државната секретарка на Секретаријатот на европски прашања Дрита Абдиу Халили и претставници на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Слични содржини