Маричиќ: Техничката влада покажа дека немаме проблеми со признавање на изборните резултати

од Nikola Popovski

„Иако генерално се мисли дека техничката влада не треба да постои, јас мислам дека е една добра вежба за тоа како можат да функционираат сите партии во иста рамка во интерес на државата. Доаѓаат моменти кога треба да се носат политички одлуки и треба да се завршат некои државни работи поврзани со политичките прашања. Јас мислам дека техничката влада покажа, а постои од 2015 година наваму, дека од 2015 наваму немаме проблеми со признавање на изборните резултати. Целта на техничката влада е да ги организира изборите, не е да прави некакви реформи. Таа влада затоа постои со временски ограничен рок“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на Утринска програма на Канал 5.

Тој додаде дека целта на оваа техничка влада е сите коишто што учествуваат во изборите да имаат доверба во нив и на крајот кога ќе се заврши изборниот процес вечерта без разлика на резултатите сите да ги прифатат резултатите, што е суштина на демократскиот систем.

„Без слободните избори нема демократија. Ако негуваме демократски систем, мора да веруваме и да работиме на слободни избори, затоа е важна техничката влада. Кој како ќе се покаже во неа е друго прашање. Имала шанси опозицијата и минатиот пат и претходно СДСМ кога било во опозиција да учествува во тие влади. Јас мислам дека даваат добар баланс на предизборниот период затоа што предизборниот период е навистина тензичен период. Партиите излегуваат на избори и секоја партија сака да освои што повеќе гласови. Тој баланс и меѓусебна контрола им дава можност на сите партии да учестувуваат и сите партии да имаат контрола дека ниту една партија нема да влезе во изборни манипулации“, потенцираше Маричиќ.

Тој смета дека изборните манипулации ја убиваат вербата на граѓаните во демократијата исто како што парламентарните блокади ја убиваат вербата на граѓаните во демократијата.

„Ако вие гласате и дадете поддршка на некоја партија некои луѓе да бидат во парламентот и носат закони, тоа е работа на парламентот, важно е да видат граѓаните дека тоа функционира. Ако граѓаните гледаат на телевизија дека постојано има некакви кавги, политички театар, а не се носат битни одлуки, тогаш зошто некој би излегол на гласање. Затоа оваа техничка влада е битна. Јас сум убеден дека изборите ќе бидат успешни, дека граѓаните ќе бидат за државата да продолжи напред. Секако дека мора да менуваме многу работи. Најбитно е да не застанеме во место и да се вратиме назад“, заклучи Маричиќ.

Слични содржини