Лидерот во генералниот пласман во МотоГП, Марк Маркез ја освои својата шеста победа сезонава и триумфираше во Чешка по трет пат во својата кариера. За Маркез, ова е 50-та победа во кралската класа, а со тоа тој стана четвртиот пилот со 50 или повеќе победи по Валентино Роси, Мајк Дуан и Џакомо Агостини.

Второто место му припадна на пилотот на Дукати, Андреа Довициозо, кој направи добар старт, но не успеа да го преземе водството од Марк дури ниту за еден момент. Сателитскиот пилот на Дукати, Џек Милер го зазеде последното место на подиумот.
По него се наредија Алекс Ринс со Сузуки, Кал Крачлоу со Хонда и Валентино Роси со Јамаха.
Маркез ја зголеми и својата предност во генералниот пласман, каде веќе има предност од 210 поени, а по него се Дови со 147 поени и Петручи со 129 поени.