Македонската берза не остана имуна на случувањата на светските пазари, пад на акциите на компаниите
Трговската војна на американскиот претседател Доналд Трамп предизвика глобална берзанска криза. Акциите на светките берзи забележаа остар пад по објавата на одлуката за зголемување на царините. По стапување на сила на царините од 10 отсто за увезена стока од сите земји и повисоки стапки за клучните партнери како Кина, ЕУ и Виетнам глобалните пазари изгубија трилиони долари во вредност. Европските берзи се на најниско ниво во последните 16 месеци, австралиската берза заврши на најниско ниво од 2023 година, а берзата во Хонг Конг падна за 13,22 отсто, што е најлош ден во последните 28 години. Освен Хонг Конг многу тешко погоден е и пазарот во Тајван, а многу аналитичари ситуацијата со берзите во Азија ја нарекоа „крвопролевање“.
Македонската берза не остана имуна на случувањата на светските пазари. Овие глобални текови негативно се одразија и врз акциите на некои компании на Берзата.
-Најголем пад забележаа акциите издадени од Макпетрол АД Скопје со пад на цената од 5,83%, потоа Комерцијална банка АД Скопје со намалување од 5,59%, Алкалоид АД Скопје со пад од 4,45%, Стопанска Банка АД Скопје со намалување на цената од 3,70%, НЛБ Банка со пад од 3,25%. На денешениот ден немаше акции со пораст на цената, информираа за „Локално“ од Македонска берза.
Инаку денеска на Берзата беше остварен вкупен промет од 31.221.475 денари или 506.784 евра. Беа склучени вкупно 128 трансакции. Најголемо учество во прометот имаа акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје со вкупен промет од 14.679.705 денари, Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од 9.877.619 денари и Макпетрол АД Скопје со промет од 2.975.195 денари. Индексот МБИ10 забележа дневен пад од 3,83%, достигнувајќи вредност од 10.037,19 поени. Промената на вредноста на индексот од почетокот на годината изнесува -1,60%.
Ова го потврди и Горан Марковски, извршен директор на КБ Публикум Инвест, Друштво за управување со инвестициски фондови кој рече дека падот на светските пазари е резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД.
-Овие последни негативни корекции на светските пазари се резултат од неизвесноста поради тарифите од САД. Зголемувањето на неизвесноста во реалната економија влијаеше врз компаниите, односно акциите на компаниите претрпеа значителен пад. Кај некои акции тој пад е 10, а кај некои 15 отсто во зависност од изложеноста на пазарот на САД. Досега падот на акциите е 5,95 отсто, а денеска се очекува дополнителен пад од 2 до 3 отсто. Овој пад е во сегментот на инвеститорите кои ги продаваат акциите поради идни ризици и потенцијална рецесија која би настанала ако се материјализира трговската војна со тарифите, изјави Марковски за „Локално“.
Со оглед на тоа што голем дел од економиите одговорија на идентичен начин, ако се разгори трговската војна, според Марковски реално е да се очекува негативен ефект врз акциите на компаниите, односно акциите на компаниите ќе бидат под очекувањата и голем дел од светските економии ќе влезат во рецесија.
-Доколку, пак дојде до стабилизирање на состојбата со тарифите овој пад ќе има краткорочен ефект. За краток временски период ќе се стабилизираат и светските пазари, објаснува Марковски.
На светските берзи денеска се забележаа најголеми загуби по пандемијата. Царините предизвика губење на голема доверба кај инвеститорите, а последиците на светските берзи се катастрофални. Почетокот на оваа недела донесе продолжување на распродажбата на берзите. Инвеститорите стравуваат од глобален трговски конфликт. Загриженоста од инфлација и стравувањата од рецесија се шират сè повеќе и водат до нов пад на курсевите на светските берзи.
Б.С.