Можеби престрогите мерки ја држеа под контрола инфекцијата на 20-30 дневно нови позитивни, со позитивни од 2.000 што е многу мал процент на колективен имунитет од 0,1 %. Ова мораше да се има во предвид, дека со престроги мерки ќе имаме многу неимунизирано население и дека во еден момент ќе мора да ги олабавиме мерките. Моментот кога ќе ги олабавиме/олабавивме мерките ќе имаме зголемување на позитивни ако не сме го отсраниле изворот на зараза, односно ако имаме нула нови позитивни дневно. Вакво нешто тешко се постигнува со горнореспираторна инфекција како што е КОВИД-19, вели во интервју за Локално професор, д-р Вело Марковски.
Тој смета дека на министерот Филипче треба да му се верува кога вели дека вирусот е под контрола. Но, општиот впечаток е дека се нема јасна концепција, бидејќи пребрзо се менуваат мерките и не се дава податок на болни и критични болни.
Кај нас сите позитивни се водат како заразени, но ако се двојат колку од нив се болни (со симптоми) и колку од нив се во критична состојба, ќе можеме да извлечеме заклучок дали епидемиолошката состојба со КОВИД-19 кај нас е под контрола. Од друга страна, во светот е вообичаено да во најголемиот процент не може со сигурност да се најде изворот на зараза, а кај нас дури во 90 % од случаите се знае кој од кого се зарази, вели д-р.Марковсски.
Деновиве имаме ново зголемување на бројот на заболени од Ковид 19 во земјава. Властите најавуваат рестриктивни мерки и полициски час за одредени општини. Кое вашето мислење дали има потреба од нови рестрикции?
Се соочуваме со една појава на многу поголем број на позитивни со КОВИД -19 во овие денови отколку на почетокот на прогласување на пандемијата. Ова досега не е видено во ниедна држава во светот и навистина е тешко да се објасни. Не можеме да зборуваме за втор бран бидејќи првиот бран не е завршен. Зошто имаме ваква една крива која долго трае и всушност оди во две фази, треба да се анализира. Можеби престрогите мерки ја држеа под контрола инфекцијата на 20-30 дневно нови позитивни, со позитивни од 2.000 што е многу мал процент на колективен имунитет од 0,1 %. Ова мораше да се има во предвид, дека со престроги мерки ќе имаме многу неимунизирано население и дека во еден момент ќе мора да ги олабавиме мерките. Моментот кога ќе ги олабавиме мерките ќе имаме зголемување на позитивни ако не сме го отсраниле изворот на зараза, односно ако имаме нула нови позитивни дневно. Вакво нешто тешко се постигнува со горнореспираторна инфекција како што е КОВИД-19. Од друга страна и да постигневме нула новозаразени дневно, не можеме да седиме изолирани од светот, и повторно при првиот нов случај импортиран од некаде пак ќе имавме скок, поради тој низок колективен имунитет. Затоа кога ги олабави мерките и се укина полицискиот час, комисијта за заштита од заразни заблувања мораше да го има во предвид ова и да очекува зголемување на бројот на заразени. Но, за жал комисијата очекуваше да нема зголемување или да остане истиот број на ново зарзени/позитивни, и веднаш по појавата на зголемен број, панично се врати на моделот кој си го знае. Сега повторно ќе го намалиме бројот, но во одреден момент, после недела, две, месец, два, ќе мора да се вратиме на нормала. И ако до тогаш вирусот природно не се повлече или не му се намали вирулентноста, тогаш како и сега повторно ќе имаме скок на позитивни. Значи така можеме да одиме до недоглед. При тоа мора да имаме во предвид дека веќе се исцрпени повеќето капацитети на државата (здравствените, економските, социјалните, безбедносните…). Мое мислење е дека мораше да се остави последното ниво на олабавување на мерките без полициски час, но со држење социјална дистанца и забрана за масовни собири барем 2-3 недели. На тој начин ќе имавме вакво зголемување на бројот на позитивни, но здравствениот систем (кој мора да се појача и кадровски и финансиски) го издржува ова зголемување. За среќа иако имаме несомнено големо зголемување на бројот на новозаразени/позитивни, сепак бројот на умрените во просек е по 2 на ден.
Точни ли се според вас тврдењата на министерот Филипче дека вирусот е под контрола?
Министерот Филипче ги има сите податоци, сите информации, и треба да му се верува ако вика дека вирусот е под контрола. Но впечаток е дека се нема јасна концепција, пребрзо се менуваат мерките, од друга страна не се дава податок на болни и критични болни. Кај нас сите позитивни се водат како заразени, но ако се двојат колку од нив се болни (со симптоми) и колку од нив се во критична состојба, ќе можеме да извлечеме заклучок дали епидемиолошката состојба со КОВИД-19 кај нас е под контрола. Од друга страна, во светот е вообичаено да во најголемиот процент не може со сигурност да се најде изворот на зараза, а кај нас дури во 90 % од случаите се знае кој од кого се заразил. Мора да се признае дека министерот, комисијата за заштита од заразни болести, здравствените институции, сите здравствени работници се многу оптеретени и прават надчовечки напори за да ја прекинат инфекцијата. Мое мислење е дека за жал, современава медицина се уште не може да ја објасни природата на болеста, не се знае сеуште процентот на асимптоматски носители (според мене тој е многу повисок одколку што мислевме) и бидејќи не се знае патогенезата на болеста, во блиска иднина тешко ќе можеме етиолошки да ја лекуваме. Затоа моја препорака, мој став кој секако не мора да биде прифатен е да не се пробува да се спречи инфекцијата, туку да се контролира со реални мерки, при тоа да се има предвид и економската состојба, политичкиот момент во државава, кондицијата на безбедносните сили колку и до кога ќе можат да држат строги мерки, при тоа идеално да се одржува капацитетот на здравствениот систем.
Постојат две можностите да се прекине оваа пандемија тоа е колективниот имунитет и вакцината. Како може да се постигне колективниот имунитет и дали вакцината би го решила проблемот?
Јас мислам дека има три можности. Првата најоптимистичка е вирусот природно да се повлече или да му ослабне вирулентноста до степен што ќе има малку смртни случаи. Втората можност е вакцина, односно вештачки предизвикана отпорност кон САРС-ков-2. Вакцина нема да има најмалку уште една година, можеби и воопшто нема да се произведе добра вакцина. Значи вакцината е опција која во моментов е нереална и не треба да очекуваме дека тоа е решението.
Третата можност е стекнување на колективен имунитет. Иако се работи за нова болест со многу парадокси, мое мислење е дека со некаде 30-40% серопозитивност кон КОВИД-19 ќе се постигне колективен имунитет. Тој процент за неколку месеци ќе го постигневме со истите жртви, за жал желбата никој да не ни се разболе, никој да не ни умре иако возвишена, е нереална, и сега ако одиме кон колектвен имунитет ќе мора да почнеме со изгубени три месеци. При тоа, според мене еве еден можен модел: 400.000 во контакт со вирусот и создадени антитела се доволно ниво на колективен имунитет, со развлекување на кривата и опашка пдолго време од поединечни случаи. Според процентот од тетстирањата во овој период за цело време има десетина проценти позитивност, што значи дека околу 200.000 веќе имаат имунитет. Потребно е уште околу 200.000 да добијат антитела. Од нив најголемиот процент (70-80%) од околу 160.000 асимптоматски ќе ја поминат инфекцијата, а околу 40 илјади ќе се разболат. Од нив 80% (ова е веќе потврден процент во светот со сегашната вирулентност на вирусот) ќе имаат лесна клиничка слика, и нив треба да ги изменаџираат матичните доктори. Остануваат 8.000 пациенти кои треба да се изменаџираат од кои ¼ ќе бидат критични. Околу 2.000 критични пациенти треба да поминат во 4 месечен период, односно во 12 циклуса (ако средно хоспитализацијата трае 10 дена). Тоа е околу 85 пациенти во секој момент, штое околу 15 % исполнетос на болничките капацитети на Инфективна клиника (250) и 8 Септември (400). Останатите капацитети можат да се потполнуваат со потешки пациенти (од тие 6.000) кои нема да можат да ги лекуваат инфективните одделенија низ државата и матичните доктори. Од вештината на лекарите (инфектолози, пулмолози и анестезиолози) ќе зависи смртноста кај критичните пациенти. Ако вирулентноста на вирусот е намалена на 1 % критични во однос на средно тешките случаи како што е сега состојбата во повеќето држави на крај на кривата, тогаш по дваесетина критични пациенти треба да се менаџираат дневно. Еве ваков еден модел би бил реален за стекнување на колкетивен имунитет.
Колку смисла имаат тестовите на антитела на коронавирус? Дали на тој начин може да се дојде до точен заклучок?
Од есенцијално значење. Серолошките тестови моравме да ги правиме секој ден и само со нив да правевме/правиме скрининг. Само со серолошки тетстови можеме да видиме каква е моменталната епидемиолошка состојба. Според мене ние веќе имаме десетина проценти на серо позитивни лица кои веќе имале контакт и имаат заштитни антитела. За мене е неразбирливо зошто не се прават масовни серолошки тестирање. Полимераза верижната реакција не треба да се користи за скрининг, туку само кај болни за потврда на дијагноза со КОВИД-19 (заедно со серолошки тест).
Иако се дебатира во светот дека ќе има втор бран, прашањето е дали државава ги научи лекциите од првиот и дали ќе се справи подобро наесен во однос на новозаболени и жртви?
Најпрвин да го поминеме првиот бран, после тоа може да анализираме длаи ќе имаме втор бран и кога би се појавил.
Соседите веќе ги отворија границите. Дали им препорачувате на граѓаните да патуваат во странство и дали оваа година има можност да се замине на одмор?
Да. Дури мислам дека е добро да се отиде на одмор ако се создадат услови. Секако секој според можностите, најдобро некаде на сонце, бидејќи целата оваа состојба ни го нарушува и менталното и физичкото здравје, потребен ни е одмор и полненење на батериите на сите.
Датумот за избори е една од главните теми изминативе месеци по епидемијата. Дали мислите дека има услови за парламентарни избори во јули или тие треба да се одржат наесен?
Ова треба да го кажат правниците и политичарите, најпрво да кажат дали има таква можност за избор. Ако има можност да се одложат за наесен во зависност од моменталната епидемиолошка состојба. Ако нема таква можност тогаш избори можат да се одржат, технички незнам како ќе се организира предизборниот процес, но, што се однесува за самиот ден на гласањето мислам дека нема да се зголеми ризикот за инфекција, барем не повеќе од активностите кои сега ги имаме како одење на пазар, одење во маркети, чекање на каси…
Дали е потребна едукација, агресивна кампања или пак казнување за граѓаните да ја сфатат сериозноста на ситуацијата?
Мислам дека најголемиот дел од граѓаните многу добро ја знае ситуацијата, и дека ги почитува мерките дури и кога не се баш логични. Едукација секако и превенција, во смисол ако има некаде настан што мора да се одржи да не биде забраната единствена опција, туку да се изнајде и друго можно решение. Мора да се земе во предвид дека сите луѓе не се исти и не реагираат исто на новонастаната состојба. Треба да се има доблест и од страна на комисијата и да се признае ако имало грешка која секако произлегла од добронамерност. Мислам дека најава на казни на народот, па најава од поединци дека треба да се казнуваат дури и тие што различно мислат и нудат поинакво решение за излез од пандемијава, не се во ред. Според мене треба да казнува само оној што не згрешил, а во сучајов тој што треба да казнува има и пропусти и грешкa.
Б.М