Маск повторно во проблеми: IBM престана да се рекламира на X поради антисемитска содржина

од Stefanija Kuzmanovska

IBM го суспендираше огласувањето на X откако беше откриено дека рекламите на технолошката компанија се поставени покрај антисемитска содржина.

„IBM не толерира говор на омраза и дискриминација. Веднаш ги суспендиравме сите реклами на X додека не ја истражиме оваа целосно неприфатлива ситуација“, соопштија од компанијата.

Media Matters for America објави извештај во кој се вели дека неодамна пронашле огласи за Apple, Bravo, Oracle, Xfinity и IBM заедно со објави во кои се фалат Адолф Хитлер и неговата нацистичка партија на X.

Извршниот директор на X, Линда Јакарино се обидува да ги врати огласувачите кои ги намалија своите кампањи откако компанијата беше купена од Елон Маск минатата година. Истражувачите и различни организации документираа зголемување на контроверзната содржина на X, иако компанијата ги оспори нивните тврдења.

Од X порачаа дека повеќе нема да може да се уновчат објави со пораки на омраза, а придружната содржина ќе биде означена како несоодветна за прикажување на работното место, што би требало да го ограничи нејзиниот дофат.

Како што тврдат, нивниот систем за рекламирање намерно не става брендови активно покрај овој тип на содржина, ниту, пак, брендот активно се обидува да ја поддржи оваа содржина со нејзино објавување.

Во исто време, тие ги обвинија организациите како Media Matters дека намерно постојано ги освежуваат страниците на X со цел да доловат што е можно повеќе познати брендови со потенцијално контроверзна содржина. Компанијата Comcast исто така започна истрага, Apple и Oracle сè уште не се огласиле.

Одлуката на IBM да престане да се рекламира на X доаѓа откако Маск го насочи вниманието на антисемитската објава на таа платформа и привлече критики со своите изјави.

Во една од објавите, тој ја критикуваше Anti-Defamation League (ADL), наведувајќи дека непрофитната организација „неправедно го напаѓа мнозинството од Западот, и покрај фактот што мнозинството од Западот ги поддржува еврејскиот народ и Израел“.

Слични содржини