Матиќ за резултатите од локалните избори во Србија: „Студентските листи имаат големи шанси на парламентарните, ситуацијата во големите градови е далеку поповолна за опозицијата“

-Режимот на Вучиќ вршеше притисок врз гласачите, но до границата што му гарантира сигурност за да не дојде реакција од ЕУ, вели српскиот аналитичар за „Локално“

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

„И покрај јасниот факт дека владејачкиот режим целосно ги искористи државните ресурси и медиумскиот монопол за време на кампањата, претерување е да се зборува за изборна кражба. Злоупотребите и притисоците врз гласачите сè уште се случуваат според воспоставената практика што датира од времето на Слободан Милошевиќ, но проценките велат дека тоа му обезбедува на режимот до 5% дополнителни гласови. Иако изборните услови во Србија се сè уште далеку од совршени, тие се составен дел од политичката култура и затоа се исклучително тешки за подобрување“, вели во анализа за „Локално“, аналитичарот или координатор на Алијансата за Европска Србија, Марко Матиќ за вчерашниот изборен процес во неговата земја и победата на листата на СНС во десетте српски општини на локалните избори.

Матиќ обвинува дека, како што вели, режимот на Вучиќ вршел максимален притисок врз гласачите, но токму до границата што му гарантира сигурност за да не дојде до реакција од ЕУ. Вели дека иако притисоците врз гласачите се на самиот раб на законот, тие сепак остануваат тешко докажливи и необработени во постојните внатрешни и меѓународни околности.

-Самата опозиција сè повеќе се согласува со ваквите услови, свесна дека фундаментални промени нема да се случат пред СНС да ги изгуби изборите под сегашните услови. Од друга страна, и ЕУ се согласува со нив, не сакајќи да ја турне Србија во изолација поради проценката дека таквото сценарио би било во прилог на опстанокот на режимот и трајното оддалечување на Србија од членството во ЕУ, истакнува српскиот аналитичар.

Соговорникот потенцира дека студентското движење направи голем пробив и чекор напред.

-Разликата во резултатите беше драстично намалена во средините што беа најповолни за прогресивниот режим, што укажува дека ситуацијата во големите градови е далеку поповолна во корист на опозицијата. Ова им дава на студентските листи многу поголеми шанси на републичките избори со потребните програмски корекции и попрецизна изјава за клучните политички и економски прашања, смета Матиќ.

Запрашан дали со вчерашниот изборен резултат, веќе се згаснати надежите за мирно заминување на СНС, нешто што го бараат студентите и опозицијата, аналитичарот оценува дека по очигледниот факт дека СНС може само делумно да ја корегира изборната волја на граѓаните, реално е да се очекува дека во случај на губење на изборите, ќе биде принудена мирно да се повлече од власта.

-Ова е поткрепено од географијата на Србија и фактот дека е во безбедносниот прстен на земјите од ЕУ и НАТО. Ова не значи дека режимот нема да направи сè што е во негова моќ за да остане на власт со јасна ограда дека овие можности се сè помалку ограничени на предизборни притисоци и махинации со државни ресурси, заклучува Матиќ.

Тесна победа на владејачката СНС на вчерашните локални избори во десет градови и општини кои беа проследени со повеќе инциденти, насилство и неправилности. Избори се одржаа за локалните самоуправи на Бор, Аранѓеловац, Бајина Башта, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Мајданпек, Смедеревска Паланка и Севојно.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа објави дека СНС победила во сите 10 општини според прелиминарните резултати. „Се надевам дека после овој ден одредени луѓе ќе ја прекинат хајката на оние кои поинаку мислат, дека денес едвај избегнавме огромно зло, некои посегнаа по пиштоли, медиумите упаѓаа во кол центрите. Ние ќе подадеме рака на сите луѓе во Србија да се обидеме да се обединиме, оти не лесни времиња се пред нас“, изјави Вучиќ.

Студентите во блокадата најавија дека судски постапки поради изборните нерегуларности, за босанските автобуси, бугарски возови и други притисоци и повикаа на одговорност за инцидентите и физичките напади врз граѓаните. „Локалот се буди и има сè повеќе луѓе кои не се согласуваат со стравот и неправдата. Промената започна и не може да се запре. Србија не може да се смири. До победата!“, порачаа студентите во блокада, кои станаа втора политичка сила пред опозиционите партии.

Н.П.