Дел од провладините српски медиуми блиски до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, упатија сериозни навреди против македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Повод за нападите е јавна објава на Муцунски, во која тој изрази поддршка за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на приведувањето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро.
„Уште една мала балканска банана-држава се нареди да ја аплаудира американската интервенција во Венецуела. Овој пат се огласи Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи на Северна Македонија. Тој го поздрави апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на социјалната мрежа X и отворено застана на страната на Вашингтон“, стои во текстот на српски „Информер“.
Содржината на текстот, во која што се упатени сериозни и директни навреди кон шефот на македонската дипломатија, е насловена како „Северномакедонски бедник. Банана-државите на Балканот го слават падот на Венецуела – се чека Црна Гора“.
Српскиот медиум забележува и дека „во пораката на Муцунски, нема ни трага од загриженост за кршење на суверенитетот на една земја, меѓународното право или преседанот една сила воено да го притвори претседателот на друга земја“. Се додава дека Македонија покажува, како што велат, „слепа послушност без суверенитет“.
„Сè што Балканот и Европа вообичаено се повикуваат кога им одговара политички – едноставно е избришано овде. За Скопје, кое несомнено ги исполнува барањата на Вашингтон и Брисел, очигледно нема дилема: американската сила е по дефиниција „правда“, дури и кога се спроведува со хеликоптери, во темница и надвор од територијата на САД“, стои во текстот на „Информер“.
Муцунски во објава на својот профил на социјалната мрежа „Икс“ порача дека е за поздравување тоа што Мадуро е уапсен и ќе се соочи со правдата.
„Ја поздравувам објавата на Доналд Трамп дека Николас Мадуро е уапсен и ќе се соочи со правдата“, напиша Муцунски.
Тој, исто така, упатува пофални зборови и за државниот секретар Марко Рубио за, како што вели, неговото лидерство во соочувањето со наркокриминалните мрежи на режимот на Мадуро.